НА КОНКУРС ЌЕ СЕ ИЗБИРА НОВ ПРОЕКТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОТИ ПОСТОЈНИТЕ ДВА СЕ СМЕШНИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    НА КОНКУРС ЌЕ СЕ ИЗБИРА НОВ ПРОЕКТ ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОТИ ПОСТОЈНИТЕ ДВА СЕ СМЕШНИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВКонкурсот на Град Скопје ќе се спроведе заедно со Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет, односно ќе биде формирана комисија ќе го води процесот за избор на нов идеен проект. Ќе се бара проект за комплетно нова концертна сала, сегашната сала ќе се урива и ќе се гради нова. (Фото: К. Попов)

    Ќе се прави нов проект според кој ќе се гради Универзална сала. Во Град Скопје постојат два проекти за концертната сала, едниот за реконструкција, другиот за комплетно нов објект во форма на јајце, кои беа направени од минатото раководство. Градоначалникот Петре Шилегов на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто ќе се прави нов проект, а постојат два, вели дека тие проекти не се добри, па затоа на јавен конкурст ќе се избере ново современо решение.

    „Во Град Скопје постојат два смешни проекти. Едниот е оној јајце на Коце Трајановски, што беше предмет на исмевање во јавноста. Вториот е за проширување на Универзална сала кој чини 17 милиони ева, но со него ниту ќе се зголеми капацитетот, ниту квалитетот на концертната сала. Ќе добиеме едно фасадирање што беше карактиристика на мината власт“, вели Шилегов.

    Конкурсот, како што кажа Шилегов, ќе се спроведе заедно со Здружението на архитекти и Архитектонскиот факултет, односно ќе биде формирана комисија која ќе го води процесот за избор на нов идеен проект. Ќе се бара проект за комплетно нова концертна сала, односно сегашната сала ќе се урива и ќе се гради нова.

    „Во буџетот на Владата се предвидени средства за Универзална сала. Моите очекување се во втората половина на наредната година да завршат сите постапки и да почнеме со градба на објектот“, рече Шилегов.

    Проектот за изградба на салата во форма на јајце беше отфрлен поради финансиски причини. (Архивска фотографија од идејното решение)

    Универзална сала е затворена 4,5 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

    Тогаш беше актуелен проектот објавен во декември 2013, според кој салата требаше да се урне, а на нејзино да место да се изгради целосно нов објект во форма на јајце. Новата сала требаше да се гради според проектот на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, со голема сала со 2.500 до 3.000 седишта, мала за камерни изведби со околу 300 места и административни простории. Овој преокт едногласно го избра деветчлена стручна комисија, под претседателство на архитектот Вангел Божиновски.
    „Драго ми е што доби признание и можност за натамошна реализација едно барокно решение, кое барокот го третира на специфичен начин, во рамките на еден модерен израз. На проектот му претстои сериозна работа понатаму за да може да се доведе во фаза на изведба“, рече Божиновски, а архитектот Павлевски изјави дека јајцевидниот облик на новата сала симболизира раѓање зашто во Универзална се одржале многу детски фестивали од кои изникнале многу македонски музички ѕвезди.

    Во јануари 2015, Универзална сала беше преименувана во Конгресен центар Александар Македонски.

    Но во март 2016, од финансиски причини беше откажана изградбата на салата во форма на јајце, а Министерството за култура најави дека обновата на Универзална ќе биде по проектот од пред девет години на „Архангел бојс“, според кој се задржува сегашниот изглед, но салата се надградува со застаклена галерија околу целиот објект и се зголемува бројот на седишта за 200.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов ѝ беше вратено името Универзална сала, а градоначалникот најави дека до крајот на неговиот мандат таа повторно ќе биде пуштена во употреба.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари