На просторот каде сега се наоѓаат бараките на Град Скопје во Градскиот парк, ќе се прави монтажен паркинг, а не зграда на пет ката. Маркичката за деловен простор на оваа парцела, со приземје, 5 ката и поткровје, се брише со новиот Детален урбанистички план Градска четврт 3 12- локалитет Парк 1 и дел од Дебар Маало 2, кој го направи Општина Центар во рамките на процесот на ревидирање на урбанистичките планови. Планот од 20 јануари е изложен на јавна анкета, која ќе трае до 31 јануари, а в понеделник ќе се одржи јавна презентација.
Оваа локација, со одлука на Владата на Никола Груевски на 5 август 2016 година, е прогласен од посебен интерес за државата и со планско-урбанистичка документација просторот е пренаменет во деловен објект со висина од 25 метри, а искористеноста на парцелата да биде 70 отсто. Со новиот план, по барање на Град Скопје овој дел добива намена јавен простор односно паркинг.
„Заради објектот кој е предвиден на просторот на бараките извршени биле измени и во однос на сообраќајот односно патека која е влез во Градскиот парк кај пешачкиот премин на булеварот Илинден, требало да стане улица. Во новиот план и таа улица е избришана односно тој дел и понатаму останува пешачка зона“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Секторот за урбанизам на Општина Центар.
Според проектот кој веќе е изработен од Град Скопје паркингот ќе биде монтажен, со капацитет од 600 до 900 возила, а на покривот ќе има спортски игралишта.
„На овој начин ќе се реши проблемот со паркирање на посетителите на Зоолошката градина, новиот Забавен парк, а навечер граѓаните не ќе мораат да вртат кругови низ Дебар Маало бидејќи на овој простор ќе има доволно паркинг места. Со паркингот ќе стопанисува градското претпријатие ‘Градски паркинг‘. Со негова изведба ќе се почне веднаш штом градската администрација се пресели во нов објект“, вели градоначалникот Петре Шилегов.
На нашето прашање дали Градот веќе има најдено објект каде ќе се сели, со оглед дека Градската куќа беше продадена пред два и пол месеци на компанијата ЕВН, Шилегов само кусо одговори дека се работи на тоа прашање и јавноста ќе биде информирана.
А. АНТЕВСКА