Жителите на Богданци покренаа граѓанска иницијатива и собираат потписи за реконструкција на патниот правец до Гевгелија. Според нив, станува збор за делница која е во лоша состојба и на која се случиле повеќе сообраќајки со жртви. Иницијативата ја покрена младата Елена Шопчева, чиј брат загинал на ова делница, а за една од причините го наведува токму тесниот и нерамен пат. Заедно со неколку пријатиле поставија пункотви во повеќе дуќани, угостителски објекти каде граѓаните може да се потпишат.
„Оваа иницијатва ја започнав сама, но поддршка ми даваат сите жители на Општина Богданци. Пред една година на овој пат го изгубив брат ми Мартин и тргнав со слоганот ДОСТА Е за расплакани родители браќа и сестри. Поднесов иницијатива за собирање потписи за реконструкција, проширување и одбележување на црните и критични точки. За заштита на сите возачи кои го користат овој пат”, рече Елена Шопчева.
Граѓанската иницијатива ќе трае до 10 мај. Досега се собрани над 3.000 потписи од граѓаните на Богданци и околните села но и од соседните општини Гевгелија и Дојран. Учесниците на сообраќајот велат дека патот е ризичен пред сè поради неговата мала ширина, пропаднат асфалт и дупки.
„На овој патен правец како да се возиш со брод на море со бранови. Еме е тесен, ем е нерамен, а згора на сè има и дупки. Катасторофа е патот. Ги испокршивме колите и тој мора итно да се санира, прошири. Не да е опасен туку и повеќе од опасен“, велат возачите.
Од ЈП Државни патишта велат дека патот Богданци – Гевгелија е планиран во програмата 12 приоритетни патишта поддржана од Светска банка. Директорот Зоран Китанов рече дека работите за целосна реконструкција ќе започнат во јуни и ќе се санира патот од клучката од Дојран до Гевгелија, во должина од 24 километри.
В. ТРАЈКОВ