НА ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА МЕЃУ ФИЛХАРМОНИЈА И МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ СЕ ПРАВИ УЛИЦА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА КАМИОНИ ДО ИЗГОРЕНИОТ ОБЈЕКТ НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА, БЕЗ ДОЗВОЛА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР И ГРАД СКОПЈЕ

    НА ПЕШАЧКАТА ПАТЕКА МЕЃУ ФИЛХАРМОНИЈА И МУЗИЧКОТО УЧИЛИШТЕ СЕ ПРАВИ УЛИЦА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА КАМИОНИ ДО ИЗГОРЕНИОТ ОБЈЕКТ НА ИНСПЕКТОРАТОТ ЗА ЕКОЛОГИЈА, БЕЗ ДОЗВОЛА НА ОПШТИНА ЦЕНТАР И ГРАД СКОПЈЕЗа да се направи импровизираната улица ќе се сечат дрвја, ќе биде уништен плочникот и ќе се доведе во прашање безбедноста на двата објекти. (Фото: К. Попов)

    Со лимени тараби е заградена пешачката патека меѓу објектот на Филхармонија и средното музично училиште „Илија Николовски-Луј“ и Факултот за музичка уметност во Скопје. Како што велат вработени во овие три државни институции, импровизираната улица се прави за движење на камиони и тешка механизација која треба да го исфрли шутот од објектот на Инспекторатот за животна средина, кој се запали во септември 2020 година.

    За да се направи импровизираната улица ќе се сечат дрвја, ќе биде уништен плочникот и ќе се доведе во прашање безбедноста на двата објекти.

    „Ова не само што може да нанесе трајни последици во однос на безбедноста на објектите, туку и целосно ќе го попречи функционирањето на овие институции. Во подрумските простории кои се веднаш под овој коридор се држи настава. Последиците од можна хаварија односно попуштање на слојот кој е предвиден за пешаци, а не за камиони се повеќе од реални. Веќе се чувствува нарушената статика во балетските сали кои се дел од училиштето ‘Илија Николовски-Луј’. Работите се во пол ек, претпразнично, што дополнително ја доведува во прашање оправданоста и почитувањето на прописите кои се применуваат во оваа сфера“, велат во писмо испратено во нашата редакција од Факултетот за музичка уметност, музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ и Филхармонија.

    Од овие три институции бараат итно стопирање на градежните работи и почитување на основните норми на градење, земајќи предвид дека се работи за образовани институции т. е. за ученици и студенти.

    За импровизираната улица не дале дозвола да се гради ниту Општина Центар ни Град Скопје.

    Од Општина Центар велат дека немаат надлежност за тој дел, а од Град Скопје ни одговорија дека  нивни инспектори излегле на терен и констатирано било дека се работи за реконструкција на објектот на поранешна „Комерцијална банка“, во кој сега се сместени државни институции и Инспекторатот за животна средина.

    „За истото Град Скопје нема надлежност, односно надлежна е Општина Центар. Од тие причини, потребно е да се обратите до Општината“, стои во одговорот на Град Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира