НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЌЕ КАЖАМ ДАЛИ ЌЕ ИМА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, ВЕЛИ АРСОВСКА

    НА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА ЌЕ КАЖАМ ДАЛИ ЌЕ ИМА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ, ВЕЛИ АРСОВСКАГрад Скопје годинава не распиша тендер за набавка на украси како што лани најави Арсовска. (Фото: Принтскрин од видео на ланското новогодишно обраќање на градоначалничката)

    Во Скопје уште нема новогодишни украси низ улиците и булеварите ниту пак градоначалничката Данела Арсовска кажува дали годинава ќе има празнична атмосфера во градот и новогодишна прослава. Годинава Град Скопје не распиша тендер за новогодишно украсување на градот.

    Лани Арсовска кажа дека парите веќе нема да се даваат на приватни фирми, туку Градот ќе купи лампиони и со нив ќе се украсува. Но, според податоците од Бирото за јавни набавки, не е спроведена ниту постапка за набавка на украси.

    Арсовска пред 10 дена се пофали дека во Скопје навечер не се гаси уличното светло, за разлика од голем број европски градови каде тоа се прави како мерка за штедење поради енергетската криза. Со оглед на тоа дека сите европски метрополи и главни градови од соседството се новогодишно украсени, а во Скопје нема поставено ниту еден украс, ниту е најавена новогодишна програма,  САКАМДАКАЖАМ.МК ја праша Арсовска дали годинава Градот ќе се украсува, дали ќе има новогодишна елка, базар и прослава. Но одговор, како и во повеќето случаи во оваа прва година од мандатот на градоначалничката, не добивме.

    „Ќе имаме прес-конференција на таа тема и ќе кажеме“, ни одговори кусо Арсовска.

    Арсовска лани го раскина договорот со фирма за новогодишно украсување од 240.000 евра што го склучи нејзниот претходник Петре Шилегов. Потоа, кажа дека Градот ќе се украси симболично со донации од приватни фирми. Беше поставена елка на Плоштадот, а украсени беа само три улици. Беше организирана и новогодишна прослава за дочек на Новата година со домашни пејачи.

    Лани, за првпат Град Скопје не организираше новогодишна програма за деца и на Плоштадот Македонија не дојде Дедо Мраз.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира