НА ТЕТОВО МУ Е НЕОПХОДНА УШТЕ ЕДНА ГРАДИНКА, 300 ДЕЦА СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ

    НА ТЕТОВО МУ Е НЕОПХОДНА УШТЕ ЕДНА ГРАДИНКА, 300 ДЕЦА СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕИнтересот за прием на деца во тетовските градинки расте секоја година. (Фото: СДК.МК)

    Во градинката „Младост“ во Тетово се очекува листата за чекање за прием да достигне и до 300 деца. Од септември, кога започнува уписот, во сите четири објекти во градот и во центрите за ран детски развој во четири рурални средини ќе бидат згрижени околу 860 деца, но тоа нема да биде доволно. Интересот на родителите од ден на ден расте. Ако лани на листата на чекање имало 180 деца, за годинава се очекува да се пријават и до 300. Една од причините за ова е и што повеќето градинки во градот се реновирани и современо опремени, а и кај родителите расте свеста дека градинките се вистинското место за социјализација на нивните деца.

    „Во овој момент, на листата на чекање имаме над 250 деца, а секојдневно ни доаѓаат родители со нови барања за прием на нивните деца, па може со сигурност да се каже дека до септември оваа бројка може да се покачи и до 300 барања. Бидејќи нашите капацитети веќе се исполнети, ќе мора да ги ставиме на листа на чекање. Преку управниот одбор на градинката доставивме барање до Советот на Општина Тетово да се донесе одлука дека можеме да примиме деца над постоечкиот капацитет. Така ќе можеме да запишеме вкупно 1.000 деца, осносно и дел од оние кои се на листата на чекање“, вели Рамие Даути, директорката на „Младост“.

    Интересот за прием на деца во градинките од година во година расте, а нова градинка во градот со години не е отворена. Од пред три-четири години започна интензивна реконструкција на постоечките објекти. Досега внатрешно се реновирани три објекти, а четвртиот ќе се реновира за време на зимскиот распуст. Но, и покрај ова, на Тетово му е потребна најмалку уште една нова градинка, за да се задоволи големиот интерес.

    „Веќе неколку години се чувствува потребата од изградба на нова градинка во Тетово. Наскоро очекуваме и ова прашање да се реши. Идејниот проект за нова градинка е изработен и одобрен од Министерството за труд и социјална политика, а средствата се обезбедени преку ИПА програмата, па се очекува оваа есен да биде распишан тендер“, надополнува Даути.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира