Општина Центар за десет дена ќе почне со реконструкција на улицата Орце Николов, со што конечно ќе се ослободат тротоарите од возила, и ќе има место за движење на пешаци и велосипедисти. Со реконструкцијата покрај промена на асфалтот ќе биде изведен кружен тек на крстосницата со улицата Аминта Трети поранешна Ленинова. Ќе се воведе паралелно паркирање на ниво на улицата со џебови за паркирање. Коловозната лента ќе се намали на 6 метри, а за сметка на намалувањето ќе се изведат велосипедски патеки во должина од 2.400 метри и пешачки патеки од 2.200 метри.
„Според сегашното решение, на улицата има 180 паркинг места, а со новото ќе се намалат на 80. Со тоа на улицата ќе биде воведено резиденцијално паркирање односно ќе можат да се паркираат само жителите на Дебар Маало. Со тоа сакаме да ги дестимулираме граѓаните да користат автомобили, а ќе создадеме услови за пешаци и велосипедисти. Реконструкцијата ќе чини 70 милиони денари“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.
За да се овозможат дополнителни паркинг места ќе се гради монтажна катна гаража на просторот меѓу бараките на Општината и Министерството за одбрана. Таму како што кажа Богдановиќ ќе биде дозволено паркирање за сите жители на Скопје.
Пролетва општината ќе почне со реконструкција и на улиците Мирослав Крлежа и Аминта Трети, каде исто така ќе се воведе резиденцијално паркирање.
А. АНТЕВСКА