НАД 25.000 ИСЕЛЕНИЦИ ДОЈДОА НА ОДМОР ВО БИТОЛА, ЦЕНИТЕ СКОКНАА КАКО ВО ГРЦИЈА

    НАД 25.000 ИСЕЛЕНИЦИ ДОЈДОА НА ОДМОР ВО БИТОЛА, ЦЕНИТЕ СКОКНАА КАКО ВО ГРЦИЈАВо Битола ова лето како да се вселија жители уште колку два Ресени. (Фото: СДК.МК)

    Дури за една третина Битола ова лето има повеќе жители од претходно. По коронакризата градот доживува туристичка ренесанса, посебно по број на повратници од странство. Според проценки на туристичките работници, во градот во моментов престојуваат меѓу 25.000 до 28.000 македонски гастарбајтери од Австралија, САД, Канада и други европски држави. Битола според Пописот брои 85.164 жители, па со големиот број гости градот е пренатрупан.

    Навечер Широк Сокак е тесен да ги собере сите шетачи, скоро и да нема кафуле со празна маса, во рестораните место се фаќа само со резервации дење и ноќе, тешко се добива такси, одделенијата на МВР за вадење лични документи се преполни, во дел од банките со часови се чека ред за да се заврши работи, кај забарите не остануваат слободни термини…

    „Ова лето Битола е буквално преплавена со наши повратници и тоа најмногу се должи на фактот што после 4 години, Македонците од Австралија без проблеми можеа да резервираат авио карти и да се вратат во родниот крај на одмор кој вообичаено трае 30-50 дена. Тука се и редовните посетители на полудневни екскурзии од регионот, Турција и Централна Европа (Полска, Холандија), како и од поранешните ју-простори Хрватска и Словенија. Најголемиот дел од нив се воодушевени од културното наследство, вкусната храна и гостопримството. Велат дека е значително поевтино од Охрид и Скопје“, вели Горан Пинза, дипломиран менаџер по туризам и угостителство, долгогодишен работник во туризмот и лиценциран туристички водич.

    Најголемиот дел од повратниците, околу 20.000, престојуваат во Битола во свои или изнајмени куќи, станови или кај роднини и пријатели. Се проценува дека од 5 до 8 илјади ги има низ околните општини како Новаци, Могила и Ресен. Ако се земе предвид дека Ресен брои околу 14.000 жители, во Битола ова лето како да се вселија жители уште колку два Ресени.

    „Повратници сме од Канада и тука останавме скоро три месеци. Дури по четири години се вративме во сопствениот стан кој го имавме купено одамна. Дојдовме да ги видиме роднините, но и да ги направиме забите. Овде за еден порцелански заб плаќаме по 80 евра, но кај нас е многу поскапо“, вели Стојна Ристевска од Торонто, Канада.

    Ако на тековните поскапувања се надоврзе и големата побарувачка, цените во дел од рестораните во Битола го достигнаа највисокиот плафон. Порција месо во голем дел од нив се движи над 400 денари. Некаде и луто пиперче се наплаќа по 40 денари. Цените во маркетите и пазарите, скоро се порамнија со оние од Лерин, Грција. И таму и кај нас килограм лубеница е половина евро.

    Во ваква туристичка навалица во Битола  недостигаат многу ресурси за да се опслужат гостите.

    „На Хераклеа Линкестис 10 години нема да се купи кафе или вода, а во денот има над 10 автобуси. Нема да се купи сувенир, мапа, привезок… Во градот нема паркинг за автобуси. За поздрав е обновата на паркингот кај спортската сала ама, требаше да мислат на опција Б додека тој се прави. Нема обележан простор за автобуси околу Сатот за да остави или земе патници. Недостасуваат корпи за отпадоци. Уништувањето на амбиенталниот изглед на Широк Сокак со разните тенди и рекламите за казина е нешто што гостите прво го забележуваат, а тука се и кучињата скитници“, вели Пинза,

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира