Дивокрадците ја опустошија планината Јабланица, обвинија жителите на струшките села Вишни и Радолиште кои денеска се собраа за да изразат револт оти, како што велат, со години неконтролираната сеча ги загрозила изворите во Вишни, па стравуваат дека ќе останат без вода за пиење, а и онака малкуте жители ќе мора да се иселат.
„Сечата над изворите направи штета на изворите кои се загрозени. Ако продолжи вака ќе останиме без вода и селово ќе се исели. Патот е полн со дупки. Тука живеат 30-тина жители“ вели Косто Шеќероски.
Претседателот на Месната заедница Вишни, Цветозар Ристески, кажа дека дневно околу 60 камиони поминуваат на патот Вишни-Струга натоварени со огревно дрво, а надлежните досега не превзеле ништо за да се спречи експлоатацијата на шумите.
„Во атарот на село Вишни, посебно во шумите, со години се случува ненормална сеча на огревно дрво. Секоја година организираме состаноци со месните заедници кои гравитираат на ова подрачје, со шумската полиција, со гранична полиција, со Шумско стопанство Јабланица, со инспекторатот за шумарство оддржуваме состаноци за да најдеме начин да го решиме проблемот со експлоатацијата на шумите. Мештаните кои живеат во Вишни кажуваат дека дневно над 60 камиони поминуваат натоварени со огревно дрво. Досега не се превземаат никакви активности и покрај нашите барања, а сме се обратиле до сите надлежни органи затоа што ние сме засегнати со транспортот на огревно дрво кој се врши со огромни камиони и патот кој е изграден со месен самопридонес е оштетен целосно. Секоја година ние ги крпиме дупките“, вели Ристески.
Мештаните велат дека шумите се соголени од концесионери без дозвола и приватни лица, а дел од нив имале и лажни дозволи извадени на име на починати лица.
„Се вади дозвола за сеча на приватни лица коишто поголем дел се починати и со истите тие дозволи се изнесува друго огревно дрво од државни парцели. Нема терен каде не е почната сеча . Има стари оставени дрва, има нови сечи кои не се носат во оваа година. На повеќе места се појавени свлечилишта. Имаме проблем со резервоарот кој е во село Вишни, добива зголемено количество на воден талог од претходните години“, вели Никола Кутаноски.
Нелегална сеча со години има и во соседното село Радолишта.
„Веќе 10 години се бориме со овој проблем и не можеме никако да се справиме. Тоа, според мене, е организиран криминал“, вели Џевдет Даути, претседател на МЗ Радолишта.
Жителите повеќе пати барале од шумската полиција и инспекторат да се спречи нелегалната сеча на Јабланица, а дописи биле испратени и до надлежните министерства, но како што велат, до ден денес одговор не добиле.
С. ВРЕНЦОВСКА