НАДОЈДЕНИОТ ВАРДАР МУ СЕ ЗАКАНУВА НА МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО, НЕ СЕ САНИРА ИАКО Е НЕБЕЗБЕДЕН

    НАДОЈДЕНИОТ ВАРДАР МУ СЕ ЗАКАНУВА НА МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО, НЕ СЕ САНИРА ИАКО Е НЕБЕЗБЕДЕНПостојниот мост е изграден од ЈНА во 1971 година како времен (Фото: СДК.МК)

    Оваа пролет, со надојдените води на Вардар, мостот за влез во Велес кај Башино Село повторно е закана за возилата кои го користат. Пред пет години стручњаците од Заводот за испитување на материјалите во соработка со Градежниот факултет во Скопје констатираа дека е потребно итно да се направат одредени санации на мостот за да не се доведе во прашање статичката стабилност. До денес, ништо не е преземено, ниту се изведени некакви градежни активности и санација.

    Градоначалникот на Велес, Марко Колев, вели дека механизацијата месецов таму е постојано присутна.

    „Секој втор ден се чистат носачите на мостот од стеблата кои реката ги носи со себе. Проблемот е актуелен 5-6 години, но досега нема никаква разврска. Од ветувањата од централната власт дека мостот ќе се реконструира, за жал, до денеска нема ништо. Пред шест месеци наводно се распишал некаков тендер, но немам никаква информација за него“, кажа Колев.

    Според експертизата на градежните стручњаци, потребно е да се санираат столбовите на мостот кои биле напукнати, да се заштити арматурата која е сериозно оштетена од корозија, да се реши одводнувањето на мостовската конструкција и да се замени асфалтот. Минатата година во април, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски најави изградба на нов мост, за што биле обезбедени средства од ЈП за државни патишта. Оттаму потврдуваат дека мостот е во лоша состојба, но нема прецизен одговор кога би почнала изградба на нов мост.

    „По направениот увид на самото место, заедно со консултанти и професори од Градежен факултет, констатирано беше дека мостот е во лоша состојба поради што се предвиде изградба на нов мост. Во овој момент, ЈПДП ја има подготвено проектната програма и следната фаза, која наскоро ќе започне, е спроведување јавна набавка за избор на проектантска куќа за подготовка на проектната документација“, велат од ЈПДП.

    Постојниот мост е изграден од ЈНА во 1971 година како времен и има должина од 101 метар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира