НАМЕСТО ДА ГО ПОКРИВАМЕ ГРАДОТ СО ФАСАДИ, ОТКРИВАМЕ НОВИ ЗЕЛЕНИ ПРОСТОРИ, ВЕЛИ АВТОРОТ НА ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА „МАВРОВКА“ БЕСИАН МЕХМЕТИ

    НАМЕСТО ДА ГО ПОКРИВАМЕ ГРАДОТ СО ФАСАДИ, ОТКРИВАМЕ НОВИ ЗЕЛЕНИ ПРОСТОРИ, ВЕЛИ АВТОРОТ НА ЗЕЛЕНИОТ ПОКРИВ НА „МАВРОВКА“ БЕСИАН МЕХМЕТИСо проектот е предвиден простор за одржување настани, катче за играње на деца, простори со различни видови зеленило и фонтани. (Фото: СДК.МК)

    Напролет во Скопје ќе почне да се прави третиот зелен покрив, кој ќе се наоѓа во ТЦ „Мавровка“, а идејното решение за изгледот е на архитектот Бесиан Мехмети, автор на проектот за основното училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец. Со проектот на Мехмети, површината од 3.200 метри квадратни која сега е неуредена, запуштена, полна со ѓубре и без конкретна намена, ќе стане еден од најголемите издигнати паркови во градот. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Мехмети вели дека во време кога на градот му се одземаа јавни површини за ексклузивни употреби, тој и неговиот тим настојуваат да создаваат инклузивни јавни простори, а ова е еден од нив.

    Идејата дошла од сопствениците на деловни простории, по што биле предложени неколку концепти следејќи светски примери, а крајното решение било прифатено и од Град Скопје што ќе го финансира проектот.

    Авторот Бесиан Мехмети со градоначалниците на Скопје и Чаир, Петре Шилегов и Висар Ганиу, на покривот на трговскиот центар „Мавровка“. (Фото: Град Скопје)

    „Наместо покривање објекти со фасади, ние сакаме да откриваме нови перспективи за граѓаните. Односот со природата и зголемување на зелени површини во градот со цел секој да има пристап до природа, се моменти кои нè интригираат повеќе отколку обвивката на објектите. Впрочем, целта на архитектурата е да им овозможи на луѓето да уживаат во квалитетен и здрав живот, во чист и зелен град со рационално користење на ресурсите. Се надевам дека нашиот проект ќе биде поттик и за други креативни индивидуи дека и со мали интервенции низ градот, може да изградиме поубава иднина за сите“, вели Мехмети.

    Проектот, како што објаснува авторот, нуди слоевита содржина како простор за одржување настани, катче за играње на деца, простори со различни видови зеленило и фонтани со водени површини како и насадена урбана опрема, отворени павилјони и настрешници, скулптурални поставки кои со нивниот дизајн не конкурираат на зеленилото.

    „Овој отворен и флексибилен простор може да се третира како нов маалски парк за околните жители, место за пауза при работа, простор за повлекување и медитација, дестинација за релаксација, собирање, игра и учење. Суштински дел и акцент на овој концепт претставува зеленилото. Зоните со ниско и високо зеленило од различен тип го генерираат визуелниот и просторниот карактер на овој јавен простор“, објаснува Мехмети.

    Со проектот е предвидено во парк да биде претворена површина од 3.200 метри квадратни. (Фото: СДК.МК)

    За тимот на Мехмети работата на јавни проекти претставува општествена одговорност и можност да креираат дела преку кои во помала или поголема мера ќе придонесат за општествен развој.

    „Проектот за зелениот кров се вклопува со нашата визија дека неопходно е да се врати природата во урбаните средини, еден вид зелени урбани пополнувања. Со нашиот проект се врши еко надградба на една дотрајна структура, конкретно кровна тераса на ТЦ ‘Мавровка‘ и тој станува јавен парк кој внесува здив на свеж воздух во центарот на градот“, додава Мехмети.

    Покривот ќе почне да се гради пролетва откако ќе заврши тендерот за избор на фирма изведувач. Според проценките на Градот, ќе чини околу 300.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира