Двајца поажрникари биле нападнати од сопственик на магацин со тутун што изгорел за време пожарите кои вчера избувнаа во Прилепско. Сопственикот претрпел голема материјална штета, а кога стигнале пожарнкарите да гаснат ги туркал и попречувал во интервенцијата.
„Првите двајца пожарникари кои со помало возило стигнале кај објектот биле нападнати од сопственикот. Тој нервозно се приближил до нив и со туркање во градите ги отстранувал и ги спречувал да продолжат со гаснење. Од страна на пожарникарите инцидентот е пријавен во полиција и таа работи на негово расчистување“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.
По инцидентот, тој апелираше да се почитуваат пожарникарите и да им се помага зашто тие се храбри и пожртвувани, но сепак не се супермени да можат веднаш по пријавата да стигнат на местото на пожарот и да бидат одеднаш на повеќе локации.
„Апелирам до сите граѓани дека пожарникарите не се супермени. Не можат за минута да стигнат на секоја позиција каде гори. Потребно е време да се качат во возилата и да возат до местото. Постои можност во исто време да има повеќе пожари на таа територија и нивните екипи да се разделени на различни места и од тие причини во почетниот одговор да дојдат помалку пожарникари отколку што граѓаните очекуваат. Затоа, ги повикуваме граѓаните онаму каде можат да им помагаат на пожарникарите, а не да ги напаѓаат, навредуваат и да им се закануваат“, рече Ангелов.
Вчера во Пелагонија имаше повеќе пожари на отворено, а голема битка се водеше за спас на селата Лознани, Ивањевци и Новоселани. Во гаснењето беа вклучени пожарникари од Битола, Прилеп, а се вклучи и Доброволното друштво „Архангел“ со 20 волонтери, локално население, како и 4 специјални возила „пинцгауери“ од Дирекцијата за заштита и спасување.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



