НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЌЕ ОТВОРИ СЛУЧАЈ ЗА ОДЗЕМЕНИТЕ ИНГЕРЕНЦИИ НА ОПШТИНА КУМАНОВО ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ДИРЕКТОР НА ГРАДИНКА

    НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ЌЕ ОТВОРИ СЛУЧАЈ ЗА ОДЗЕМЕНИТЕ ИНГЕРЕНЦИИ НА ОПШТИНА КУМАНОВО ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ДИРЕКТОР НА ГРАДИНКАОд денешната трибина „Народен правобранител и локална власт - Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“ во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Проблемот со одземање на ингеренциите на Општина Куманово за поставување директор во градинката „Ангел Шајче“ стигна до Народниот правобранител. На денешната трибина „Народен правобранител и локална власт – Подобра соработка за поголема заштита на правата на граѓаните“ во Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски го запраша Иџет Мемети каде да ги бара своите права, бидејќи незаконски му се одземени ингеренциите.

    „Почитуван Народен правобранител, каде јас како градоначалник да се обратам кога ми се одземаат одредени права. Еве актуелна тема, ми беше одземена надлежност во градинката ‘Ангел Шајче’ поради наводно непочитување на рокот за постапка за избор на директор. Дали имам простор да се пожалам некаде, да си ги вратам правата кои согласно законот граѓаните ми ги дадоа на избори“, рече Димитриевски.

    Народниот правобранител Иџет Мемети рече дека со процесот на децентрализација, за да не забега локалната власт, Владата треба да ја следи законитоста на постапувањето на локалната власт.

    „Законите се носат за луѓе кои се морални, а не за неморални. Па кај нас се случува и покрај тоа што законот налага, да се носат политички одлуки толку одвратни што човек не може да ги свари. Од причина што се злоупотребуваат можностите во конкретен случај на централната власт. Кај нас вештина е на функционерот да најде начин како во рамки на закон да злоупотребува нешто“, рече Мемети.

    Тој го посоветува градоначалникот да бара објаснување од Владата за случајот.

    На ова реагираше актуелната директорка на градинката „Ангел Шајче“ Марина Алексовска, која рече дека целата документација ќе ја достави до Народниот правобранител за да испита кој ја прекршил процедурата и законот.

    „За она што вие и градоначалникот го зборувавте за одземање на ингеренциите на градоначалникот, би сакала јавно да кажам дека ќе ја доставам целата процедура и постапка која што е спроведена и од кои причини се одземени ингеренциите. За волја на вистината и транспарентноста да видите дали се сторени процедурални неправилности“, рече Алексовска.

    Народниот правобранител најави дека по барање на директорката ќе отвори случај за да се утврди како течела процедурата по однос на случајот и ќе утврди кој грешел.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира