НАШИНЕЦ ОД ФРАНЦИЈА ПОДАРИ НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА НА СИТЕ 300 УЧЕНИЦИ ВО ОПШТИНА СТАРО НАГОРИЧАНЕ

    НАШИНЕЦ ОД ФРАНЦИЈА ПОДАРИ НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА НА СИТЕ 300 УЧЕНИЦИ ВО ОПШТИНА СТАРО НАГОРИЧАНЕНовчо Спировски повеќе од 50 години работел и живее во Париз и секоја година донира во општината од која потекнува (Фото: СДК.МК)

    Речиси триста новогодишни пакетчиња им беа поделени на учениците од сите одделенија во основните училишта во општина Старо Нагоричане, подарок од нашинец од Франција.

    Новчо Спировски е пензионер, кој повеќе од 50 години работел и живее во Париз, а сега за новогодишните празници со сопругата дошле во неговото родно село Младо Нагоричане и се договориле да ги израдуваат учениците со подароци.

    Секоја година донирам по нешто и овојпат одлучив тоа да бидат пакетчиња за учениците од основните училишта во општината од која и јас потекнувам. Сакав да ги израдувам дечињата на село, бидејќи ретко кој се присетува на нив, а тие живеат во потешки услови од нивните врсници во градот. Срцето ми е полно кога ги гледам колку се радуваат и како искрено се заблагодаруваат. Сакам да ги поттикнам и другите луѓе кои се во можност да помогнат“, вели Новчо.

    Во името на учениците се заблагодари градоначалничката на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска, која кажа дека сите се трогнати од овој убав гест на нивниот сожител, иако ова не е првпат тој да донира во општината.

    „Поделени се пакетчиња за сите ученици од прво до деветто одделение во сите централни и подрачни училишта во Општина Старо Нагоричане, а тоа се вкупно 292 ученици. Многу ни е драго што е обезбедена помош не само за учениците во помалите одделенија, како што обично бива, туку и за поголемите, кои можеби и повеќе се радуваа на подароците. Се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и во наредниот период, но и дека ќе се приклучат и други донатори, бидејќи нивната помош за нас значи многу“, изјави Јовановска.

    Пакетчињата се поделени во трите централни основни училишта во селата Младо Нагоричане, Драгоманце и Старо Нагоричане, како и во подрачните училишта во планинските села каде што учат само по неколку деца. Учениците во Старо Нагоричане посетуваат настава со физичко присуство, бидејќи се малубројни и има услови наставата да се одвива во училница

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира