Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко денеска повторно седна на обвинителна клупа, овојпат за незаконско поставување на директори во основни училишта во селата Подгорци, Лабуништа и Велешта и во „Браќа Миладиновци“ во Струга. Три предмети се споени, додека за училиштето во Велешта се води посебен предмет оти има повеќе обвинети, кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“.
„Моментално за училиштето во Велешта се води одвоен предмет затоа што таму се повеќе обвинети, четворица, а за другите училишта еден предмет, три постапки се во еден предмет. Покрај кривично дело Несовесно работење во службата, дел од вработените се гонат за фалсификување, значи има две кривични дела“, изјави судијата Јордан Јованов.
Мерко во судницата рече дека не чувствува вина за делата за кои го товари јавното обвинителство, Несовесно работење во службата.
На денешното рочиште беше доставена огромна листа на докази со кои треба да се запознаат обвинетите и обвинителството. Исказ даваше Аден Ајдарсоски, кој три мандати директорувал во училиштето во Подгорци, а годинава си поднел оставка на барање на Антикорупциската комисија. Тој не исполнувал услови оти немал пет годишно работно искуство.
„Ние имаме докази и тоа ќе го докажеме. Ќе докажеме дека се сторени такви кривични дела. Судот ќе одлучи колку ќе осуди, тоа ќе го видеме во текот на постапката. Ако не се согласиме со пресудата ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд“, вели Џемал Лога, јавен обвинител од Струга.
Државниот просветен инспекторат извршил надзор во училиштето во Подгорци. Го известил директорот за неговото незаконско именување на функцијата, но не повел постапка.
Судскиот процес за училиштето во Велешта се одложи за 5 јули.
Претходно, во Основниот суд во Струга започна судскиот процес против струшкиот градоначалник Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра и уште три други автомобили за кои од општинскиот буџет беа потрошени 114.000 евра.
С. ВРЕНЦОВСКА