НЕ КРИЈТЕ ГИ КОНТАКТИТЕ И ПАТУВАЊАТА ВО СТРАНСТВО, ГО ЗАГРОЗУВАТЕ МЕДИЦИНСКИОТ ПЕРСОНАЛ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА КАДЕ ШТО Е ПРВАТА ПОЧИНАТА ОД КОРОНАВИРУСОТ

    НЕ КРИЈТЕ ГИ КОНТАКТИТЕ И ПАТУВАЊАТА ВО СТРАНСТВО, ГО ЗАГРОЗУВАТЕ МЕДИЦИНСКИОТ ПЕРСОНАЛ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА КУМАНОВСКАТА БОЛНИЦА КАДЕ ШТО Е ПРВАТА ПОЧИНАТА ОД КОРОНАВИРУСОТ„Апелирам до сите граѓани да не кријат контакти и патувања во странство. Ги загрозувате вашите најблиски, но и медицинскиот персонал. Разочарана сум од ниското чувство на одговорност кај сите кои мислат дека лесно ке се справиме со болеста“, вели директорката на Кумановската болница Снежана Захариева. (Фото: СДК.МК)

    Директорката на Кумановската болница Снежана Захариева, каде што е првата почината пациентка од коронавирусот, попладнево на својата фејсбук страна апелираше до сите граѓани да не кријат контакти и патувања во странство, зашто така се загрозува медицинскиот персонал.

    Жената на 57 години од Куманово е прв смртен случај од коронавирус, кажа министерот за здравство Венко Филипче попладнево. Според првичната епидемиолошка анкета, жената била на патување во Италија, имала два негативни теста, а позитивен бил тестот земен посмртно. Позитивен на коронавирус е и нејзиниот син. Тој се третира на Клиниката за инфективни болести во Скопје и е во стабилна состојба.

    „За жал, и Куманово има пациенти позитивни на тестот за коронавирус (2019-nCoV). Денес една позитивна пациентка, префрлена на Клиника за инфективни болести, и за жал уште 2 позитивни теста за пациенти претходно лекувани во изолација кај нас на инфективниот оддел. Кај двајцата претходни пациенти тестовите беа негативни, но лошата клиничка слика, наглото влошување на состојбата и смрт на пациентката беа мотив за повторно тестирање. За жал, тестовите излегоа позитивни. Синот на починатата се наоѓа на Клиника за инфективни болести во стабилна состојба. Семејствата на сите позитивни ќе бидат во изолација. Апелирам до сите граѓани да не кријат контакти и патувања во странство. Ги загрозувате вашите најблиски, но и медицинскиот персонал. Разочарана сум од ниското чувство на одговорност кај сите кои мислат дека лесно ке се справиме со болеста. Од сите нас, од нашето однесување ќе зависи епилогот на оваа битка. Апел до медицинскиот персонал: не заборавајте дека сите САКАВТЕ да бидете вработени во болница. Изборот на професијата е личен! Да останеме присебни и на висина на задачата која е пред нас. Кога е лесно, не ни треба помош, сега – и ние и пациентите, со многу сериозен пристап кон новонастанатата ситуација“, напиша Захариева кусо по прес-коференцијата на министерот Филипче.

    Захариева не е достапна на нејзиниот мобилен телефон за натамошни информации.

    Од  медицински извори на Инфективното одделние, дознаваме дека мајката и синот биле примени на 16 март во дневната болница со висока температура и бронхопневмонија. Два дена биле тука лекувани, по што биле ставени во изолација во соба. Брисевите им биле земени на одделението, а се испитувале на Инфективната клиника во Скопје.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира