НЕ МОЖЕ ДЕЦА ОД ДРУГИ ОПШТИНИ ДА СЕ ЗАПИШУВААТ ВО ГРАДИНКИТЕ ВО КАРПОШ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАКИМОВСКИ

    НЕ МОЖЕ ДЕЦА ОД ДРУГИ ОПШТИНИ ДА СЕ ЗАПИШУВААТ ВО ГРАДИНКИТЕ ВО КАРПОШ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЈАКИМОВСКИВо моментов, на листа на чекање во градинките во Карпош има околу 350 деца. (Фото: Општина Карпош)

    Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски смета дека не може деца од други општини да се запишуваат во градинките во Карпош. Јакимовски вчера имаше состанок со директорите на градинките, на кој им кажа дека е неодговорно нивното однесување да запишуваат деца од други општини, а децата  од општината да седат дома.

    „Запишувани се деца со кршење на одлуката на Совет да не се запишуваат деца од други општини, што значи дополнително е зголемен проблемот во нашата општина. Навистина е неодговорно од директорите да запишуваат деца од други општини, а нивните соседи од Oпштина Карпош да не можат да ги запишат своите дечиња, што е недозволиво. Во наредните денови ќе бараме решение за овој проблем“, изјави по состанокот градоначалникот Јакимовски.

    Во моментов, на листа на чекање во градинките „Мајски цвет“, „Пролет“ и „Распеана младост“ има околу 350 деца.

    Директорите на градинките го информирале градоначалникот Јакимовски дека во одредени објекти има простор за отворање нови занимални во кои би се згрижиле стотина деца, но за тоа се потребни околу 12 нови вработувања за кои досега нема одобрување од Mинистерството за финансии.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира