НЕ МОЖЕМЕ ДА ДАДЕМЕ ИДЕИ ЗА ГТЦ КОГА ПРОЕКТОТ ВЕЌЕ ИМА АВТОР, МУ ПИША АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ НА ШИЛЕГОВ И ПОБАРА НОВ КОНКУРС

    НЕ МОЖЕМЕ ДА ДАДЕМЕ ИДЕИ ЗА ГТЦ КОГА ПРОЕКТОТ ВЕЌЕ ИМА АВТОР, МУ ПИША АСОЦИЈАЦИЈАТА НА АРХИТЕКТИ НА ШИЛЕГОВ И ПОБАРА НОВ КОНКУРСАрхитектите бараат од Шилегов во иднина да се воспостави пракса на консултација со стручната јавност во процесот на планирање и проектирање што е пракса во сите европски земји и да бидат објавувани јавни анонимни конкурси. (Фото: Град Скопје)

    Асоцијацијата на архитекти на Македонија му одговори на градоначалникот Петре Шилегов дека не можат да дадат идеи за корекција на решението за зелен покрив на Градскиот трговски центар оти проектот има автор. Од Асоцијацијата велат дека можат да се вклучат само доколку биде распишан нов конкурс за идејно решение за зелената градина.

    Одговорот на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти следува откако градоначалникот Шилегов во понеделникот рече дека разговарал со архитектите и договориле Асоцијацијата на архитекти и Архитектонскиот факултет да се вклучат во коригирање на проектот за ГТЦ, по забелешките изнесени во јавноста.

    „Сметаме дека е крајно неодговорно да се прават интервенции на ГТЦ, а и на било кој друг објект со дониран проект кој во голема мерка за нас е неразбирлив и во никаква релација со постојната обликовна структура на објектот. Во никој случај не можеме да дадеме идеи за преправка на истиот бидејќи проектот има автор. Авторството меѓу другото подразбира и голема одговорност. Мешањето во нечие авторство се коси со основните начела на ААМ и Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија за третман на архитектите како автори на едно дело“, се вели во писмото Асоцијацијата на архитекти испратено до Шилегов.

    Тие му пишуваат на Шилегов дека се свесни за проблемот со прокиснувањето на кровот кој го има ГТЦ и дека планираната интервенција ќе претставува само уште една во низата лоши интервенции кои се направени врз трговскиот.

    „Поради тоа можеме да одговориме на вашето барање со земање учество во подготовка и организирање на конкурс за избор на најдобро решение, кое ќе биде во рамки на буџетот од веќе завршениот тендер и со почитување на дел од материјалите кои се дел од тендерот ГТЦ“, велат архитектите.

    Архитектите бараат од Шилегов во иднина да се воспостави пракса на консултација со стручната јавност во процесот на планирање и проектирање што е пракса во сите европски земји и да бидат објавувани јавни анонимни конкурси.

    „Ваквата практика на консултација која е почит кон архитектонската фела во моментов кај нас не постои, а новите иницијативи за жал претставуваат продолжување на спроведувањето на истите оние закони кои ја овозможија реализацијата на Скопје 2014 и многу други спорни урбанистички и архитектонски зафати“, додаваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира