НЕ ТЕПАМЕ НИЕ, НАС НЀ ТЕПААТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП ЧУШКОВ

    НЕ ТЕПАМЕ НИЕ, НАС НЀ ТЕПААТ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА ЈСП ЧУШКОВИнформациите за инциденти за тепање патници како што велат од ЈСП „Скопје“ се објавуваат без да бидат прашани тие, односно само врз основа на изјави на патници, кои во поголемиот број случаи се лажни.-Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков. (Фото: К. Попов)

    Се создава слика дека контролорите тепаат патници, а всушност е обратно, нашите вработени се тепани, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, за обвинувањата во јавноста за напади врз патници во автобусите од јавниот превоз.

    Во билтените на Министерство за внатрешни работи чести се пријави на патници кои тврдат дека контролорите на ЈСП „Скопје“ ги тепале бидејќи немале билет. Информациите како што велат од претпријатието се објавуваат без да бидат прашани тие, односно само врз основа на изјави на патници, кои во поголемиот број случаи се лажни. Како пример го посочуваат настанот пред Нова година кога на социјалните мрежи беа објавени фотографии под кои пишуваше дека контролорите го тепале и газеле патникот, а всушност како што велат од претпријатието нивните вработените биле натепани и добиле сериозни повреди.

    „Стануваше збор за малолетник, професионален боксер кој не сакал да купи билет, ниту да се валидира со телефон. Одбил да даде и документ за легитимација. Му се нафрли на контролорот. Другиот колега дошол на помош. Двајцата контролори го држат за да не избега, бидејќи давал отпор. И двајцата контролори заработиле боксови, тупаници. Во последниот случај во петокот, патник исто така немал билет, ниту сакал да се валидира. Почнал да го навредува и провоцира контролорот. Од горе се симнал другиот колега.

    Патникот им се нафрлил на двајцата. Во меѓувреме стасале Алфи, дури и ним сакал да им пружи отпор, но, го совладале. Едниот од контролорите неколку часа бил хоспитализиран. Има повреди на главата“, велат од претпријатието.

    Директорот Кристијан Чушков вели дека секојдневно контролорите наидуваат на патници насилници, кои очигледно сметаат дека можат да го користат јавниот превоз бесплатно, а во случај да ги фати контрола демонстрираат сила.

    „Генерално, излегува дека контролорите ги тепаат патниците, а не обратно. Согласно правилникот за работа контролорите не смеат да употребат сила, единствено во случај на самоодбрана, што е и логично. Кажете ми кој е тој што ќе седи мирен ако некој му се нафрли со тупаница. Апелираме на уредна валидација и да не се злоупотреба на картичката ‚Скопска‘, а чести се и такви ситуации. Има патници кои наводно по грешка се возат со персонализирана ‚Скопска‘ од туѓо лице. Снаа се вози со картичка од свекрва, студентите си ги позајмуваат картите со колеги“, вели Чушков.

    Од ЈСП велат дека во изминатиот месец извршена е 31 контрола на пријавени недоразбирања помеѓу контролори и патници, при што е утврдено дека во 11 ситуации биле виновни контролорите и против нив се покренати дисциплински постапки.

    Останатите 20 случаи, пак, завршиле со помирување на двете страни, при што патниците признале дека се виновни за предизвикување на инцидентот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира