НЕДОСТИГА ХЕМОТЕРАПИЈА ЗА ДЕЛ ОД БОЛНИТЕ ВО БИТОЛА, ОД БОЛНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ НАБАВИ В ПОНЕДЕЛНИК

    НЕДОСТИГА ХЕМОТЕРАПИЈА ЗА ДЕЛ ОД БОЛНИТЕ ВО БИТОЛА, ОД БОЛНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЌЕ СЕ НАБАВИ В ПОНЕДЕЛНИКОд Лигата за борба против ракот се пожалија дека дел од пациентите морале лекот да го купуваат сами, а потоа да чекаат да им се рефундираат средствата. Но, има и такви кои не се финансиски моќни да ја купат самите терапијата (Фото: СДК.МК)

    За дел од пациентите со малигни заболувања во Битола недостигаат лекови за хемотерапија на Одделението за онкологија при битолската Клиничка болница, обвини Стојан Стојановски, претседател на Лигата за борба против ракот. Од битолската Клиничка болница велат дека ситуацијата е наследена од претходното раководство и дека лекот уште утре ќе биде обезбеден преку позајмица, а од понеделник ќе го има редовно.

    Од Лигата за борба против ракот се пожалија дека дел од пациентите морале лекот да го купуваат сами, а потоа да чекаат да им се рефундираат средствата. Но, има и такви кои не се финансиски моќни да ја купат самите терапијата.

    „На трети јуни на седница на Лигата констатиравме дека пациентите со малигни заболувања не добиваат редовно терапија, нема лекови, инфузии. Констатиравме дека пациентите често се упатуваат сами да си ги набавуваат лековите. Овие лекови се многу скапи, пацинетите кои имаат финансиска можност ги набавуваат, а потоа им се рефундираат средствата преку ФЗОМ. Но, некои пациенти не се во финансиска можност да ги обезбедат лековите, чекаат по неколку месеци, а со тоа здравјето на пациентите се загрозува“, вели Стојановски.

    Од Клиничката болница велат дека проблемот настанал поради лошо планирање, односно потребите од оваа терапија се поголеми од набавениот лек со тендер од минатата година. Портпаролката на Клиничката болница Сузана Конеска, изјави дека последниот тендер за набавка на лекови за Одделението по онкологија бил направен во времето на претходниот менаџерски тим, кога било испланирано да се набават само 360 ампули доволни за првите шест месеци од годината.

    „Вината се наоаѓа во планирањето на ампулите. Новиот менаџерски тим го согледа проблемот и од понеделник пациентите ќе ја имаат својата терапија“, вели Конеска.

    Рената Раденков, која од пред еден месец е назначена за директор на Службата за онкологија и палијативна терапија, вели дека наследила ситуација со недостиг на лекот „иринотекан“ кој во континуирана терапија сега го примаат четворица пациенти.

    „Настана период од две недели кога не постоеше друг начин да се земе лекот. Ние сега ургентно го решаваме проблемот, уште утре Клиниката за онкологија и радиотерапија од Скопје ќе даде позајмица за четири пациенти кои редовно го примаат тој лек“, рече Раденков.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира