Скопје и Тирана се понапредни од многу европски градови, а се заложници на примитивни политики, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешниот економски форум во Скопје.
Градоначалникот Шилегов и заменик-градоначалничката на Тирана Ануела Ристани одговарајќи на прашањето колку блокадата на земјава од Бугарија ќе се одрази врз развојот и напредокот на Скопје и Тирана, рекоа дека ветото е недозволиво и дека граѓаните заслужуваат европска иднина.
„За жал како градоначалници сме заложници на политики кои што се креирале или кои што се креирани во 19-от век, а чии што последици ги чувствуваме сега, во 21-от век. И мислам дека недозволиво е целиот регион на Западен Балкан, пред сè Северна Македонија и Албанија, да бидат заложници на примитивизмот во политиката. Јас ќе бев многу посреќен како градоначалник на градот Скопје, доколку во Софија беше донесена одлука да биде изграден автопат од Софија до Скопје, отколку да биде донесена одлука Македонија и Албанија да бидат блокирани во процесот на евроинтеграции. Ама ние ќе донесеме одлука да изградиме автопат меѓу Скопје и Тирана“ рече градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов и Ристани денеска во рамките на економскиот форум говореа за проектите за смарт сити, урбана мобилност и дигитални решенија кои ќе овозможат подобри и побрзи услуги за граѓаните.
А. АНТЕВСКА