Негувателките и воспитувачките на децата во градинките од септември ќе добијат повисоки плати, најави денес во Велес министерот за финансии Драган Тевдовски.
„Покачувањето на платите се однесува на негувателките и воспитувачките, оние кои се директно вклучени во грижата на децата. Децата се иднината на земјата и затоа ние како Влада вложуваме во нив и за кадарот кој се грижи за децата. Од септемвриската плата, која ќе биде исплатена во октомври, платите на кадарот кој непосредно се грижи за децата ќе бидат зголемени за пет отсто. Оваа новина не е од денес, тоа е внесено во Буџетот за 2018 година и најавено уште минатата година“, рече министерот Тевдовски.
Министерот се заблагодари на стратешките партнери Европската унија, УНДП, Светска банка со чија финансиска помош се одвива проширувањето на мрежата на опфат на деца во градинките во земјава.
Ниту Тевдосвки ниту министерката за труд и социјална политика Мила Царовска не можеа да кажат колкава е бројката на вработени кои ќе добијат повисока плата.
П. ПЕЧКОВ