Екоактивистите од Струмичко повторно го кажаа ставот дека нема да дозволат рудник на планината Огражден над селата Иловица и Штука. Реакцијата излезе откако Владата објави дека Вишиот управен суд донел пресуда со која се поништува претходно донесена одлука со која се поништи спојувањето на двете концесии.
Владата во 2023 година донесе одлука за спојување на двете концесии за експлоатација на минерални суровини, но еден месец подоцна донесе одлука за поништување на таа одлука, за што концесионерот „Еуромакс“ поднел жалба.
„Станува збор за конечна судска одлука која Владата, како институција што го почитува владеењето на правото, е должна да ја почитува. Истовремено, сакаме транспарентно и отворено да ја информираме јавноста дека ова прашање не е резултат на одлуки донесени од актуелната Влада, туку претставува наследена правна состојба која произлегува од одлуките за спојување на концесиите донесени во јуни 2023 година, како и од последователните одлуки за нивен престанок донесени само еден месец подоцна, по што е покрената судска постапка пред надлежните судови“, соопшти Владата.
Оттаму наведоа дека ќе бидат разгледани сите релевантни факти, стручни мислења и аргументи во рамките на законските процедури и институционалните надлежности. Соопштија дека се за економски раст, нови инвестиции и работни места, но никогаш тоа нема да биде на сметка на здравјето на граѓаните, природните ресурси и животната средина.
„Секое понатамошно постапување во однос на овој предмет ќе се одвива исклучиво врз основа на стручни анализи, законски процедури и институционален надзор, со целосна информираност на јавноста. Владата ќе продолжи одговорно, транспарентно и во согласност со законите да носи одлуки кои ги штитат интересите на граѓаните, обезбедуваат правна сигурност и создаваат услови за одржлив развој на државата“, соопштија Владата.
За екоактивистите од „Здрава котлина“, пресудата на Вишиот управен суд била со штуро образложение. Наоѓаат замерка што Владата не вложила приговор. Потенцираа дека нема да дозволат да се копа на Огражден и дека институциите веќе отвориле војна со народот.
„Владата се прави како да не прочитала во одлуката дека треба повторно да решава и за неа ова било конечно решение. Не се бунела да вложи приговор, чекала да помине рокот и сега да се почитувале законите. А очи им извади 10 години поминати рокови, заложена македонска земја како колатерал кај странците, 75% попуст на рудата, целосната несоодветност на студиите, земањето на струмичката вода од Турија, појавувањето на 22 литра во секунда силна киселина што ќе тече во наредните 500 години. Нема да копате, а отворивте војна со народот“, се вели во објавата на Фејсбук на екоактивистите од „Здрава котлина“.
Во јули 2023 имаше протести во Струмица кога екоактивистите реагираа на тогашната одлука да се спојат двете концесии за рудникот Иловица-Штука.
В. ТРАЈКОВ



