НЕМА КАЗНЕТИ ЗА БРОЈНИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ ВО ОХРИД И СТРУГА

    НЕМА КАЗНЕТИ ЗА БРОЈНИТЕ ДИВИ ДЕПОНИИ ВО ОХРИД И СТРУГАДива депонија на патот Струга-Калишта. (Фото: СДК.МК)

    Бројни диви депонии никнуваат во Охридско-Струшкиот Регион, оти жители секојдневно одлагаат најразличен отпад, градежен шут, па дури и непотребна покуќнина и мебел. Екипите на ЈП „Комуналец“ од Охрид дневно се расчистуваат и по неколку депонии во Охридскиот Регион, но проблем е што за кратко време повторно никнуваат нови.

    Дивите депонии со години се грда глетка и ја загадуваат животната средина оти нема инспекции и казни, сметаат граѓаните.

    „Зачестена е таквата појава, денес чистиме другиот ден повторно се прави депонија на истите критични точки кои се мапирани. Најчесто се подигнува кабаст отпад и градежен шут. Во таа насока, со цел решавање на тој проблем од страна на стручните служби е изготвен годишен календар за кревање кабаст и зелен отпад“, вели директорот Сашо Најдески.

    Неодамна во акција за чистење од водите на реката Грашница беше изваден мебел и покуќнина доволни за да се опреми еден стан; – Отпад во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Само во последните 4 месеци отстранети се околу 320 нестандардни депонии во Охрид и охридските села, од кои 19 големи диви депонии, а подигнати се околу 1.800 метри кубни отпад. Најчесто, дивите депонии никнуваат во населбите кои се во склоп на Националниот парк Галичица и крајбрежјето на Охридското Езеро, а неодамна во акција за чистење од водите на реката Грашница беше изваден мебел и покуќнина доволни за да се опреми еден стан.

    ЈП „Комуналец“ Охрид воспостави соработка со невладините организации и здруженија во регионот за заштита на животната средина, со цел едукација и подигнување на еколошката свест на населението.

    „Охрид заслужува да биде чист, Охрид е бисер на Балканот. Во таа насока се и моите заложби да ги исчистиме дивите депонии, но секако треба да се работи и на подигнување на еко-свеста на граѓаните“, додава Најдески.

    Од Комуналец апелираат граѓаните да го почитуваат календарот за подигнување кабаст и зелен отпад во градот и да не создаваат диви депонии.

    Општина Охрид реализира и акција за чистење на диви депонии на девет локации во која учествуваа сите општински јавни претпријатија, со луѓе и механизација, а дополнително беше ангажирана и механизација од  економските оператори со кои Општината има соработка. Собрани беа повеќе од 260 метри кубни отпад од секаков вид, а според најавите, вакви акции ќе се организираат и во иднина до целосно расчистување на дивите депонии кои веќе подолг период ги има низ Општина Охрид.

    Големи количини отпад има и пред влезот на Струга и на патот Струга- Калишта. Диви депонии има и на самиот брег од Езерото. И таму Јавното комунално претпријатие со чести акции за чистење се справува со неправилно одложениот отпад, но купиштата ѓубре и понатака се секојдневна слика во Струга.

    „Донесовме одлука сите инспектори да се на терен, бараме да се пронајдат сторителите и ќе следуваат и казни, а доколку не го отстранат шутот тоа ќе го направи Општината, но ќе бара да им се наплати на несовесните граѓани“, вели градоначалникот на Струга Рамиз Мерко.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира