Имаат родилиште, но за да се породат радовишанки патуваат или во Штип или во Струмица. Бидејќи нема специјалисти гинеколози во јавното здравство, веќе десетина години зјае празен породилниот дом во Радовиш, кој со општински и државни пари е целосно реновиран и опремен. Само две акушерки затекнавме во одделението во радовишкиот Здравствен дом, кои чекаат можност повторно да слушнат детски плач и да се грижат за родилките.
„Сè е празно. Имаме два стола и сета опрема за да се извршуваат класични породувања. Но за жал, последниве години овде секогаш е мирно“, велат двете медицински сестри кои се изненадија од нашата посета.
Со реформите во здравствениот сектор, породилниот дом почна да згаснува. Тројцата гинеколози од јавното преминаа во приватно здравство. Отворија свои ординации каде пружат здравствена заштита и ја следат бременоста кај своите пациентки. Но кога ќе дојде термин за породување, ги препраќаат или во клиничката болница во Штип или во општата во Струмица, иако им се отвара можност ако е сѐ во ред да вршат породувања и во Радовиш.
„Точно е дека немаме гинеколози во Здравствениот дом, а имаме ем простор ем опрема. Оние што ги имавме си отворија свои ординации, други пак се пензионираа. Со приватните гинеколози имаме договор да вршат класични породувања во нашиот дом, но таа бројка е минорна. Годишно кај нас се раѓаат по едвај пет бебиња, а своевремено овде се породуваа и по 400 жени. Одлуката дали ќе извршат породување е нивна, не можеме со сила да ги натераме. А ви тврдам дека имаме услови и опрема“, вели директорот на Здравствен дом од Радовиш Јован Ристов.
Приватните гинеколози кои имаат свои ординации во Радовиш не сакаа јавно да одговорат зошто не вршат класични породувања во здравствениот дом. Тврдат дека сепак станува збор за непредвидени ситуации, а во јавното здравство во Радовиш нема ниту операциона сала, ниту анестезиолог, ниту пак педијатар кој треба првично да се грижи за бебињата.
Ристов потврди дека кубурат со персонал, поради што ангажираат медицински персонал од Штип и Струмица за специјалистички услуги.
„Овде во Радовиш немаме лекар ни за лек, а камоли да пуштиме некого за специјализација. Пред извесно време вработивме два лекара и веднаш ги пуштивме на специјализација и тоа по педијатрија и офтамологија. Немаме лекари да пуштиме за гинеколози. Едноставно нема и тука ни се врзани рацете“, вели директорот Ристов.
Радовишанки инсистираат да се најде решение за ангажирање гинеколози во јавното здравство за да заживее породилниот дом. Иванка Соколова од здружението „Женска Акција“од Радовиш смета дека надлежните треба да реагираат за овој проблем.
„Сметаме дека жените имаат право на породување во својата општина. На тој начин ќе се намалат трошоците и жените навремено ќе бидат згрижени и ќе се намалат евентуалните последици. Кога ќе имаме породилиште во сопствениот град ќе нема малтертирања на бремените жени и жените ќе бидат посигурни“, вели Соколова.
Здравствениот дом во Радовиш во последниве години значително го смени ликот. Со контуинираните донации од општината, рудникот Бучим и ресорното министерство објектот стана енергетски ефикасен, а набавени се повеќе апарати за специјалистички прегледи. Но клучен проблем е што нема персонал, бидејќи младите лекари заминуваат во странство или се одлучуваат да работат во приватните ординации.
„Да има законски можности, породилниот дом ќе го понудиме на гинеколозите од Струмица па тие прекувремено да доаѓаат и да вршат породувања овде. Како што се тргнати работите, за некоја година во Радовиш ќе ги нема и сегашните специјалисти по уво нос и грло, интерно, ортопедија, бидејќи сите се пред пензија. Мора да се најде системско решение како да ги задржиме лекарите во јавното здравство“, вели директорот Јован Ристов.
В. ТРАЈКОВ