НЕМА ПОЛИЦИЈА, ЈСП МОЛИ ДА НЕ СЕ ПАРКИРА НА ПАТОТ ЗА ВОДНО

    НЕМА ПОЛИЦИЈА, ЈСП МОЛИ ДА НЕ СЕ ПАРКИРА НА ПАТОТ ЗА ВОДНОМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во средата на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто нема ниту еден полицаец за викендите на Водно, одговори дека проблемот е во тоа што им фалат полицајци. (Фото: К. Попов)

    ЈСП „Скопје“ апелира до граѓаните кои викендов ќе го посетуваат Водно да не се паркираат на патот оти автобусите не можат да стигнат на последната станица.

    Изминативе неколку викенди на Водно немаше полиција, па патот беше блокиран од паркирани коли. Автобусите на јавното претпријатие не можеа да стигнат на Водно, па патниците со часови чекаат да се симнат надолу.

    „Токму поради несовесните граѓани, а во недостиг на сообраќајната полиција, возилата кои возат на линиите 25, 25А и 25Б, изминатата сабота сообраќаа со големо задоцнување, дел воопшто не можеа да стасаат до станицата на Средно Водно. Некои возила беа приморани патниците да ги оставаат среде улица, а три поаѓања воопшто не се реализира. За да се избегнат овие ситуации и викендов што претстои, апелираме на поголема совесност кај дел од граѓаните, како и на толерантност од страна на патниците доколку застоите се повторат и викендов, имајќи во предвид дека возачите се приморани да реагираат согласно условите на терен“, велат од ЈСП „Скопје“.

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во средата на промоцијата на проектот „Паркирај совесно“ на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто нема полиција за викендите на Водно, одговори дека проблемот е во тоа што им фалат полицајци.

    „Проблем се и недостатокот на обележани паркинг места, но и лошо проектираните улици, особено во некои населби во централното градско подрачје. На секои 50 метри мора да имате полицаец за да почне да се решава хаосот во сообраќајот и во паркирањето. Свеста на возачите сè уште не е на доволно високо ниво, а ние со кампањи гледаме да придонесеме таа да се подигне. Секој од нас мора да даде и свој личен придонес, бидејќи сите ние имаме членови од семејствата кои се пешаци. Факт е дека имаме недостаток на полициски службеници и дека не се доволно присутни во градот“, рече Спасовски.

    Градоначалникот Петре Шилегов по доаѓањето на градоначалничката функција за решавање на хаосот со паркирани возила го забрани движењето на коли на Водно, а беа пуштени три автобуски линии кои возат за викенд бесплатно. Но, неколку месеци подоцна се предомисли па ја смени одлуката односно дозволи движење на Водно, со тоа што дозволено е паркирање само на паркингот на кој цената е 100 денари од час.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира