НЕМАМ НАМЕРА ДА ГО ЗАВРШАМ МАНДАТОТ БЕЗ ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ДА ДОБИЕ ИЗГЛЕД КАКОВ ШТО ТРЕБА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВ

    НЕМАМ НАМЕРА ДА ГО ЗАВРШАМ МАНДАТОТ БЕЗ ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ ДА ДОБИЕ ИЗГЛЕД КАКОВ ШТО ТРЕБА, РЕЧЕ ШИЛЕГОВГрадоначалникот Шилегов денес кажа дека решението за новиот изглед на строгиот центар на градот ќе го изработат еминентни светски архитекти и добитничката на наградата 13 Ноември за архитектура Даница Павловска.(Фото: Град Скопје)

    Тим од еминентни светски архитекти заедно со Даница Павловска-Циги ќе го прават идејното решение за уредување на строгиот центар на градот, со што тој ќе стане пешачка зона. Градоначалникот Петре Шилегов на денешната седницата на Советот на Град Скопје одговарајќи на советнички прашања рече дека наскоро во јавноста ќе биде презентиран концептот за новиот изглед на центарот на Скопје, за што бил распишан меѓународен повик.

    „Немам намера да го завршам мојот мандат без да го направам центарот онака како што треба. И нема да биде како што сака градоначалникот Шилегов туку решението ќе го изработат еминентни светски архитекти и добитничка на наградата 13 Ноевмри за архитектура Даница Павловска. Изгледот на Скопје изминатите 7-8 години е ужасно нарушен. Со новиот концепт кој го најавив за претворање на центарот во пешачка зона ќе бидат опфатените и фасадите на зградата на ‘Пелагонија‘ и зградата на ЕВН. Овие две згради успеавме да ги спасиме од барокот кој им го предвидуваше минатата власт. Сега ќе добијат автентична фасада“, рече Шилегов.

    Шилегов кажа дека со проширувањето на улицата Даме Груев во булевар ќе се исечат 13 дрвја, но додаде дека тоа зеленило ќе се надокнади со садници и зеленило во новиот парк што ќе се направи кога ќе се урне зградата на поранешен „Макотекс“.

    Градоначалникот Петре Шилегов на 19 август за САКАМДАКАЖАМ.МК најави дека од следната година на потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ нема да се движат автомобили односно тој ќе стане пешачка зона. Во тој дел од градот единствено ќе се движат автобусите од јавниот превоз. Паралелно ќе се работи на проширување на улицата Даме Груев во булевар. Се работи на решавање на проблемот со зградата на поранешен ’Макотекс‘ која се наоѓа на самата улица го решаваме, односно таа Градот да ја откупи зградата и да ја урне.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира