НЕМАШЕ ПРОТИВПОЖАРНИ АПАРАТИ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА КОВИД БОЛНИЦА, КАЖАА СВЕДОЦИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ

    НЕМАШЕ ПРОТИВПОЖАРНИ АПАРАТИ ВО ТЕТОВСКАТА МОДУЛАРНА КОВИД БОЛНИЦА, КАЖАА СВЕДОЦИТЕ НА СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТСведоците имаа различни изјави за тоа колку надворешни лица биле во болницата за време на пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Со сослушување на сведоците од Обвинителството, во Основниот суд во Тетово продолжи главната расправа за пожарот во модуларната ковид болница од 8 септември 2021 во кој загинаа 14 пациенти и роднини.  Тројца од нив беа од медицинскиот персонал кој вечерта биле на смена, а беа сослушани и 4 сведоци кои се затекнале во моментот на избивањето на пожарот како роднини на лицата кои тогаш биле пациенти биле во модуларната болница.

    Прв сведочеше докторот Мустафа Таири, кој бил дежурен доктор во модуларната болница во моментот кога избил пожарот. Тој ги опиша моментите кога избил пожарот додека на една пациентка и вршеле реанимација со дефибрилатор. Исто така, опиша како се обидувале со вода и со ќебе да го изгаснат пожарот но не успеале.

    „Мој впечаток е дека сè изгоре за 2-3 минути. Во собата каде изби пожарот јас не видов противпожарен апарат, а противпожарен апарат не сум видел ни во ходникот, но и да имав во рака противпожарен апарат, па и да имаше и служба со противпожарни апарати, тој пожар тешко ќе беше спречен“, изјави сведокот Таири.

    Според докторот Таири, во моментот кога избил пожарот во модуларната болница биле двајца лекари, три медицински сестри и еден болничар. Прашан дали во модуларната болница имало лица кои не биле пациенти, а биле присутни во собите со пациентите тој рече дека имало само едно вакво лице.

    „Знам дека имаше само за таа пациентка која беше лице со специјални потреби. Колку што знам, за ваков вид пациенти секаде е дозволена придружба. Инаку, на други лица не им беше дозволен влез во модуларната болница. На влезната вратата од болницата имаше напишано дека е забранет влез на лица кои не се пациенти. Други лица од надвор не сум видел“, изјави сведокот Таири.

    Тој се огради од првичната изјава која ја дал пред истражните органи веднаш по избивањето на пожарот, каде кажал дека во модуларната болница кога избил пожарот имало 5 до 6 лица кои не биле ниту пациенти ниту медицински персонал, и остана на изјавата дека во моментот во болницата имало само едно надворешно лице, родителот на девојчето со посебни потреби.

    Сведокот д-р Шенза Арифи-Зеќири во исказот изјави дека во моментот на пожарот кој избил во соба број 3 биле присутни двајцата родители на пациентката со посебни потреби.

    „Во собата беше пациентката Марија и нејзините родители. Кога изби пожарот прво што направивме зедовме вода да го гаснеме. Вода имаше близу до пациентката, а зедовме и од тоалетот. Побарав противпожарни апарати и во ходникот, но немаше“, изјави Зеќири.

    Таа рече дека пред избивањето на пожарот низ ходниците видела 2 до 4 лица кои не се пациенти, а посетители имало и во собите на пациентите, но сите тие биле прописно облечени со заштитна облека. Таа кажа и дека немала добиено наредба ниту од Клиничката болница ниту од д-р Бобан Вучевски, кој е еден од обвинетите, да може да пушта придружници на пациентите и дека не го известувала д-р Вучевски кога во ковид болницата влегувале лица придружници на пациентите.

    Слични беа изјавите и на роднините на пациентите кои се затекле во времето кога избил пожарот. Некои од нив велеа дека доаѓале повремено и накратко да им помогнат на своите роднини во хранење или во преоблекувањето, додека други изјавија дека постојано биле присутни покрај болните роднини. Некогаш влегувале без знаење на медицинскиот персонал, а некогаш со нивна дозвола откако ќе ги замолеле.

    „Јас и брат ми бевме постојано со нашата мајка која лежеше таму. Со некои пациенти кои беа во многу тешка состојба имаше и по двајца тројца од семејство кои беа со нив. Никој доктор ништо не ни кажа дека забрането да влеземе таму. Дваесет и осум дена секој ден бевме таму и мене никој не ме опоменал дека не смеам да влегувам. Не смее да се влезе, ама нема доволно персонал да се грижи за пациентите, имаше 36 пациенти, а само 3 доктори“, изјави Мумин Исмаили, чија мајка настрада во пожарот во модуларната болница.

    Наредното рочиште е закажано за 16 февруари кога ќе се изврши распит на преостанатите сведоци на обвинителот, а ќе се изврши и распит и на вештите лица.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира