НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМОТ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО БОСИЛОВО, „ЗДРАВА КОТЛИНА“ СЕ СРАМИ ОД НАРОДОТ ШТО НЕ ГЛАСАЛ

    НЕУСПЕШЕН РЕФЕРЕНДУМОТ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО БОСИЛОВО, „ЗДРАВА КОТЛИНА“ СЕ СРАМИ ОД НАРОДОТ ШТО НЕ ГЛАСАЛСпоред неофицијалните резултати, граѓаните кои излегоа на референдумот гласале против Иловица и отворање други рудници (Фото: СДК.МК)

    Референдумот во Oпштина Босилово за или против отворање рудници е неуспешен. На 19-те гласачки места во оваa општина не излегоа потребните 6.151 граѓанин за да биде исполнет законскиот цензус за да референдумското изјаснување биде легитимнo. Според првичните информации од избирачките места, речиси во секое населено место излезноста на граѓаните е под 50 отсто. Според неофицијалните резултати, граѓаните кои излегоа на референдумот гласале против Иловица и отворање други рудници.

    Ваквата состојба за активистите на „Здрава котлина“, иницијатори за референдумот, е катастрофална и срамна и не можеа да поверуваат во летаргичноста на жителите над чии глави треба да никне рудник за бакар и злато со површински коп и брана со хидројаловина висока 270 метри.

    „Ние направивме толку колку што можевме. Ова што се случи денес во Босилово е срам за сите граѓани што не излегоа. Јас не знам дали биле партиски притиснати, незаинтересирани или има некоја друга причина, но дефинитино ова е срам за Босилово, затоа што овие луѓе кои не излегоа од која било причина ќе ја носат крвта на идните генерации ако овој рудник проработи“, рече Стојан Велков Трн, претседател на „Здрава колина“.

    Незаинтересираноста на жителите на Општина Босилово се чувстуваше уште во пладневните часови, кога на избирачките места излезноста беше 7,8 отсто, а во 17 часот достигна само 23,1 отсто. Неофицијално, до 19 часот на изјаснување излегле 40 отсто. Од „Здрава котлина“ најавија дека нема да се откажат од стопирање на рудникот за бакар и злато кај Иловица.

    „Нема да се откажеме. Ќе поднесеме барање до Владата и сите други институции да се направи ревизија на тој проект и ревизија на сите студии кои се преполни со работи кои се штетни за самата природа, човечкото здравје“, кажа Велков.

    Ова е втор неуспешен референдум во Југоистокот и тоа во општини каде е издадена концесија за експлоатација на металични минерални суровини по претходно добиено позитивно мислење од самите Општини. Не успеа референдумот во Валандово, каде компанијата „Сардич МЦ“ гради капацитети за ископ на руда и производство на катоден бакар, и сега во Босилово каде „Еуромакс ресурсис“, планира да гради рударски капацитет за бакар и злато.

    Референдум за рудникот кај Иловица ќе има и во Општина Ново Село, закажан е за 17 септември.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира