НЕВРАБОТЕНИ СЕ ПОЛА ЖИТЕЛИ НА КРУШЕВО

    НЕВРАБОТЕНИ СЕ ПОЛА ЖИТЕЛИ НА КРУШЕВОКако млад човек немаш просперитет. Ако почнеш некој бизнис, немаш кому да го продаваш, производот што го имаш, велат крушевчани (Фото: СДК.МК)

    Во Крушево невработеноста е најголем проблем, повеќе од една деценија. Ако пред тоа младите од градот својата перспектива ја гледале во Скопје или другите соседни градови, сега плановите на новите генерации се да заминат надвор од државата.

    Официјално според последните податоци од сајтот на Агенцијата за вработување, годинава во Крушево се евидентирани 980 невработени. Од нив околу 370 се до 34-годишна возраст. Најбројна група 256 се невработени оние меѓу 50 и 60 години. Но, прашање е колку овие податоци од Агенцијата реално ја отсликуваат состојбата со невработеноста во Крушево, ако се има предвид заминувањето на младите на времена работа во странство, на брод, за одреден период, кога тие воопшто не се пријавуваат во подрачните канцеларии на АВРМ.

    Според анализите на добро упатените, од реалните околу 3.500 жители кои останале во Крушево (а, според пописот Крушево има 5.330  жители) невработени се приближно 1.400 граѓани.

    „Како млад човек немаш просперитет. Ако почнеш некој бизнис, немаш кому да го продаваш, производот што го имаш. Во градот треба да се инвестира, зашто има луѓе коишто сакаат да дојдат, зашто овде воздухот е подобар отколку во Скопје, сите знаеме дека е така“, вели Јовица Костоски (20) студент на Економски факултет во Скопје, којшто секој викенд се враќа во родното место. „Најголем проблем е што младите си заминуваат од градот, веќе 10-ина години. Скоро целата моја генерација од 30 души, поточно меѓу 20 и 25-мина заминаа во други градови да си го бараат чарето, да се иселат некаде“, вели резигнирано Костоски, седнат со другарите во старата чаршија на саботно утринско кафе.

    Од невладината организација „Младински сојуз – Крушево“ потврдуваат дека проблемот со масовното иселување на младите е сериозен и бара темелна анализа, но и темелен пристап за конечно решавање, што би се случувало во еден подолг процес.

    „Младите се маргинализирани од повозрасната генерација, не учествуваат доволно во процесот на одлучување, не се разгледуваат нивните идеи и потреби, поради тоа, најчесто ја напуштаат Република Македонија. Неопходно е да се создаде поволна бизнис клима и отворат стабилни работни места“, оценува претседателот Методија Стојчески.

    Привлекувањето на домашни и странски инвеститори веќе резултирирало со првите вработувања во Крушево, велат надлежните од Општината.

    „За краток период од 3 години се реализирани 3 поголеми инвестиции, така што остварени се преку 430 вработувања. Грчката тобако компанија ‘Секе’ инвестираше во индустриската зона ‘Опаленик’ околу 5 милиони евра. Покрај редовните, секоја сезона ангажира преку 260 други вработувања. Од друга страна е инвестицијата на американската компанија „Маркнорт-Америка’, за производство на медицинско масло од канабис сатива, во близина на индустриската зона со 100-ина вработувања. А, во грчката извозна конфекција ‘Фалко’ работат веќе 4 години околу 70 конфекционери. Освен овие инвестиции, во тек е опремувањето на млекопреработувачкиот капацитет ‘Екошар’, домашна инвестицијата во која ќе се отворат нови работни места“, вели оптимистички градоначалникот Ѓорѓи Дамчески.

    За да се реши проблемот со невработеноста, неопходно е да се создаде поволна економска клима, која што во процес ќе го врати животот во градот, како во периодот пред транзицијата.

    “Тогаш немаше невработени во Крушево, поточно вработени беа 2.984 лица. Секое утро масовно луѓето заминуваа на работа, во монополот, во ‘Илинденка’, ‘Златарница -Крушево’, ‘Јелак’, ‘Орнамента’… Од овие фирми, денес останаа само празни објекти, кои сведочат за минатите убави времиња“, велат крушевчани со надеж дека ќе се вратат тие денови на економски прогрес и дека градот повторно ќе заживее.

    М.ТАЛЕСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира