НЕЗАВИСНО МОНИТОРИНГ ТЕЛО ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА СЕКОЈ ЧЕКОР ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, СЕ ДОГОВОРИЈА АКТИВИСТИТЕ, ИНВЕСТИТОРОТ И ВЛАДАТА

    НЕЗАВИСНО МОНИТОРИНГ ТЕЛО ЌЕ ГО КОНТРОЛИРА СЕКОЈ ЧЕКОР ЗА РУДНИКОТ ИЛОВИЦА, СЕ ДОГОВОРИЈА АКТИВИСТИТЕ, ИНВЕСТИТОРОТ И ВЛАДАТАСредбата меѓу премиерот, министрите, активистите и „Еуромакс“ беше зад затворени,траеше до еден часот по полноќ и имало конструктивни разговори но и напнати ситуации при соочувањето на ставовите од една страна на активистите од „Здрава котлина“ и од друга страна на компанијата инвеститор и техничките експерти (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од четири часа траеше консултативната средба и соочувањето меѓу граѓанските активисти, експертите, преставниците од инвеститорот „Еуромакс“ и министри од Владата за рудникот за бакар и злато Иловица, со која раководеше лично премиерот Зоран Заев . Средбата беше зад затворени врати и како што велат присутни, траела до еден часот по полноќ и имало конструктивни разговори но и напнати ситуации при соочувањето на ставовите од една страна на активистите од „Здрава котлина“ и од друга страна на компанијата инвеститор и техничките експерти.

    Пред да почне средбата, пред Домот на АРМ активистите од „Здрава котлина“ со транспаренти и плакати упатија порака дека рудник на Иловица не сакаат (Фото: СДК.МК)

    Активистите од „Здрава котлина“ ги предочиле сите аргументи дека инвеститорот е непожелен во заедницата и дека ги пречекориле сите можни рокови за изградба на рудникот, за што цврсто останаа на ставот дека рудник во струмичко не е потребен. Тие ја истакнале опасноста од изградба на рудник кој ќе ја загадува животната средина со што ќе има негативни последици врз земјоделството во струмичко.

    Инвеститорите тврделе дека рудникот нема да загадува, нема да користат цијанид, сулфурна киселина или хемикалии. Бакарот и златото ќе го одвојувале физички, преку процес на флотација и целиот проект ќе биде согласно европските рударски нормативи и македонската законска регулатива.

    Аргументите на двете страни биле забележувани од премиерот Зоран Заев, кој најавил дека вакви средби ќе има и во иднина за заеднички да се надминат разликите и да се отстранат грижите кај локалното население до наоѓање најдобро решение прифатливо за сите. За консултативната средба, Владата денеска попладне излезе со соопштение во кое се наведува дека средбата имала за цел да се вкрстат ставовите и да се зголеми довербата меѓу засегнатите страни.

    „Следните чекори ќе бидат заеднички, преку континуирана дискусија и дијалог, при што компанијата ќе биде посветена да испорача гаранција за заштита на здравјето на локалното насление, а Владата ќе биде тука да врши контрола низ процесите што се во нејзина надлежност. Меѓу заклучоците од средбата е и најавата да се формира независно мониторинг тело кое ќе врши проверка на секој чекор низ престојните фази“, се вели во соопшетнието од Владата.

    Ова мониторинг тело, како што дознаваме, треба да биде составено од граѓански активисти, експерти, преставници од министерства и компанијата „Еуромакс“. Нивна цел е да ги следат сите фази и постапки за изградба на рудникот за бакар и злато Иловица и Штука и да реагираат ако се забележат отстапки.

    Освен Заев на средбата беше и министерот за економија Крешник Бектеши, неговиот заменик Кире Наумов, градоначалници, професори од повеќе факултети, преставници на ЕБОР како најголем акционер во „Еуромакс“ и преставници од повеќе грагански организации.

    Пред да почне средбата, пред Домот на АРМ активистите од „Здрава котлина“ со транспаренти и плакати упатија порака дека рудник на Иловица не сакаат.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира