Студентите од завршните години на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, денеска во Штип презентираа над 50 свои трудови како проекти за Штип. Ова е десети град во Македонија што студентите архитектонски го разработуваат и му даваат урбанистички насоки како да се уредува и оплемени просторот.
Професорката Дивна Пенчиќ вели дека при реализацијата на проектот за Штип студентите веднаш увидоа дека станува збор за град кој е многу поразличен од повеќе други во Македонија. Тоа е град кој е многу испланиран, многу уреден и не беше лесно да се даде нова визија.
„Им препорачавме на студентите да планираат град за генерација која што ќе сака да живее во Македонија, и Штип го почуствуваа како место кое може да го пружи тоа на младите. Штип има добра основа од каде да почне да се планира уредување и покачување на квалитетот на живеење. Студентите предложија доста интересни концепти како природата да се внесе во градот и како да се искористи потенцијалот на реката Брегалница за да стане нова оска која ќе ги поврзе сите нови населби околу неа“, вели Пенчиќ, која како посебен квалитет на градот го издвојува индустрискиот и археолошкиот дел.
За тоа дека Штип, посебно во централното градско подрачје, изобилуива со пренатрупани стари објекти и тесни улици, Пенчиќ нагласува дека при планирањето на градовите тие како архитекти се прилично автоцентрично ориентирани, а тоа значи дека улиците посебно во вакви градови со ритчиња, не мора да бидат пошироки затоа што секогаш треба најпрвин да се планира град за пешаци, за луѓе, а не како што сите наши градови се испланирани за автомобилот како господар на градот.
Студентите од Архитектонскиот факултет пред да ги изработат своите проекти за Штип неколку дена преку катастар ги истражувале слободните простори во градот па на тие места осмислиле разни решенија за поубав град. Група студенти од завршната петта година изготвила проект за развој на нови студентски кампуси во Штип и изградба на студентски домови.
„Нашиот заеднички проект локациски е сместен под штипската касарна кон реката Брегалница. Со проектната програма планираме два нови факултети какви што сега недостасуваат и два студентски домови, мултимедијален истражувачки центар, велосипедски патеки, пристап кон кејот со зелени површини или, со еден збор, планираме современ студентски град во кој ќе бидат сместени над 12.000 студенти“ велат дипломците Сара Љековска, Андреа Алтипармакова и Катерина Шулевска.
Сите проекти на скопските студенти се изложени кај големата сала во Општина Штип. чии раководители рекоа дека ќе бидат разгледани и се надеваат дека голем дел од нив ќе се најдат во идните планови на градот.
Т. ЈОВАНОВСКИ