Ниту една жена жртва на семејно насилство од Струга и околината досега не користела услуги на Регионалниот шелтер центар за заштита во Охрид. Жртвите тешко се охрабруваат да го пријават насилството, најчесто премолчуваат поради страв и потчинетост како и слаба економска состојба.
Социолозите велат дека причини што жените во регионот трпат насилство, остануваат да живеат со насилникот и не бараат заштита се традициите кај населението, подреденоста и статусот на жената во семејството.
„Семејното насилство во Струга и околните места е присутно, но за жал во Центарот во Струга бројот на пријави е намален. Најчесто жртва е жената, а причините се економско социјални, алкохолизмот и други“, вели Мевмед Халили, директор на Центарот за социјални работи во Струга.
Центарот за социјални работи спроведува кампања за спречување родово базирано насилство за да охрабрат жените жртви да бараат помош.
„Моментално е во тек кампањата ‘Со тебе сме – заедно против насилството на жените и девојчињата’ Како институција ја промовираме родовата еднаквост и елимирањето на стереотипите за родовите улоги базирани на култура, обичаи, вера, традицијата и други практики“, додава Халили.
Во регион со над шеесеттина илјади жители просечно годишно има само по десетина пријави на семејно насилство. Во последниов месец има две пријави за семејно насилство во Струшко. Во едната жртва е жената која претрпела насилство од сопругот во семејниот дом, а во вториот случај стружанка ја претепала ќерка си.
С. ВРЕНЦОВСКА