Ниту новиот паркинг кој лани, за време на карантините го направи Град Скопје во рамките на Клиничкиот центар не е доволен да се реши проблемот со гужвите. Откако пандемијата на ковид-19 стивна, клиниките веќе не се ковид центри и продолжија со редовна работа со пациенти, гужвите се вратија низ улиците и на паркинзите низ комплексот.
Новиот паркинг со 200 паркинг места не е доволен за сите возила па граѓаните вртат кругови за да најдат паркинг место. Со поставување на пластички столпчиња за да се изведат патеки за движење на пешаци и болни со колички, нема веќе паркирање на улиците и тротоарите.
Од ЈП „Градски паркинг“ уште пред неколку години најавија дека на Клинички ќе се гради монтажен паркинг, но тој никако да се изведе. Директорот Борче Јакимовски вели дека претпријатието има предвидено пари за оваа инвестиција во буџетот, но на местото каде требаше да се изведе се изгради монтажната ковид болница.
„Додека монтажната болница не се тргне не можеме да го градиме паркингот. Според проектот ќе биде на три нивоа со вкупно 360 паркинг места. Со тоа ќе се решат гужвите на Клинички. И сега состојбата е подобрена. Пред изградбата на новиот паркинг и уредувањето на улиците имаше 575 места, а сега има 810“, вели Јакимовски.
За да не се создаваат гужви на влезот на Клинички, Град Скопје лани изведе нова лента за возилата на Брза помош, а посебен влез има и за Инфективната клиника.
А. АНТЕВСКА