НОВА ХАВАРИЈА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА СТАРА 90 ГОДИНИ ГО ОСТАВИ ЦЕЛО ТЕТОВО БЕЗ ВОДА

    НОВА ХАВАРИЈА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА СТАРА 90 ГОДИНИ ГО ОСТАВИ ЦЕЛО ТЕТОВО БЕЗ ВОДАНа 31 јули се навршија 90 години од постоењето на тетовскиот градски водовод, во делови од градот има стари и дотраени водоводни цевки, а од ЈКП се жалат и на тоа дека водоводениот систем не е целосно обележен. (Фото: СДК.МК)

    По речиси 12 часови непрекината работа, вработените од ЈКП Тетово го отстранија дефектот на водоводната мрежа кој вчера изби на улица Цветан Димов во непосредна близина на полициската станица, но поголемиот дел од тетовци од изутринава повторно немаат вода бидејќи истата водоводна цевка повторно пукна, сега стотина метри подолу во паркот на Шарена Џамија. Екипите на јавното комунално претпријатие се постојано на терен, но не можат да кажат за колку време ќе биде отстранет овој најнов дефект, бидејќи врнежливото време и тешките теренски услови не дозволуваат брзо решавање на проблемот.

    „Оваа водоводна цевка што вчера пукна, а која е во близината на полициската станица, опслужува со вода за пиење околу 60 проценти од градот. Станува збор за стара салонитна цевка која беше заменета со пластична цевка во долнина од неколку метри. Дожливото време и непристапноста до цевката, бидејќи веднаш до неа поминуваат уште три други водоводни цевки и електрични кабели под висок напон, бараа голема вниматлност при работата и затоа дефектот не можеше брзо да биде отстранет. Мораше да се отстранат 4 и пол метри од салонитната цевка која беше целата распукната. Со работата завршивме околу 1 часот по полноќ, па во текот на ноќта поголемиот дел од градот доби вода за пиење. Меѓутоа, изутринава утврдивме дека има истекување на самата спојка меѓу пластичната и лесонитната цевка. На оваа поправка уште работиме и оваа поправка планираме брзо да ја завршиме. Но, набрзо увидовме дека се појавил уште еден дефект на оваа водоводна цевка, стотина метри подолу во паркот кај Шарена Џамија. Се работи за иста водоводна цевка која досега повеќе пати предизвикувала големи дефекти бидејќи е стара, најверојатно седумдесетина години, дотраена е и неквалитетна односно лесно е кршлива. Поради сето ова се затворени речиси сите ситеми па сѐ додека целосно не се отстранат дефектите, околу 90 проценти од градот е без вода за пиење“, изјави раководителот на водотехничката лабораторија на ЈКП Тетово Љуљзим Шаќири.

    На 31 јули се навршија 90 години од постоењето на тетовскиот градски водовод. Во делови од градот има стари и дотраени водоводни цевки, а од ЈКП се жалат и на тоа дека водоводениот систем не е целосно обележен.

    „Во водоводната мрежа се јавуваа губитоци, а ние не можеме сите да ги лоцираме токму поради тоа што немаме целосно обележана водоводна мрежа и тоа ни создава големи потешкотии при одржувањето на мрежата. Исто така, и еден дел старата од водоводна мрежа е со салонитни цевки, кои се стари, дотраени, поставувани без тампонирање и поради тоа се многу лесно кршливи. Но, ова не е случај само за Тетово, така на времето се градела водоводната мрежа и во другите градови“, вели Шаќири.

    Од ЈКП Тетово велат дека е можно нормализирање на снабдувањето со вода за пиење во попладневните часови.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира