Општина Битола ќе основа јавна општинска установа за култура која во иднина ќе управува со Офицерскиот дом и Киното „Манаки“. За одлуката, советниците ќе гласаат в четврток на седница на Советот.
„Со новата јавна установа за култура ќе отвориме простор за менаџирање на објектите кои ќе бидат ставени во функција, Киното ‘Манаки’ со опремата и сите зафати од над 200.000 евра што ги вложи оваа локална самоуправа и Офицерскиот дом кој се реставрира. Решивме дека најдобро ќе биде со поставување на менаџмент кој целосно ќе се грижи за објектите, заштитата, нивната самоодржливост, успешно функционирање, како и за нивниот придонес кон туризмот во Битола, бидејќи имаме голем потензијал, а за жал, со години тој не бил искористен“, изјави градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Реставрацијата на Офицерскиот дом е во тек и треба да се спроведе годинава, ако сè оди според планот. За реставрација и адаптација на Офицерскиот дом обезбедени се над милион евра од ИПА 2 програмата на ЕУ. Општината направи анализи, онлајн анкетни прашалници, средби со стопанственици и невладини организации за да го сондира мислењето на граѓаните за идната намена на Офицерскиот дом.
„Дефинитивно ќе биде центар за култура, место каде ќе има простор граѓаните да ги следат културните настани и вредности на градот, простор каде ќе може сето она што било оставено под завесата на времето низ годините да биде отворено со функционални поставки, тоа ќе биде еден мултифункционален културен комплекс“, рече Петровска.
Општината од Министерството за култура обезбеди 8,6 милиони денари (околу 140.000 евра) за ентериерно уредување на Киното „Манаки“ на Широк Сокак, кое четири години го градеше претходната локална власт, но го остави комплетно неопремено. Дел од опремата ќе се обезбеди и преку проектот „Кино култура“ кој го доби Општината во прекуграничната соработка со Грција.
Ж. ЗДРАВКОВСКА