НОВАТА УЛИЦА ЕСЕНИНОВА КОЈА ГИ ПОВРЗУВА АЕРОДРОМ И КИСЕЛА ВОДА УШТЕ НЕ Е ГОТОВА, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА КОГА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНА

    НОВАТА УЛИЦА ЕСЕНИНОВА КОЈА ГИ ПОВРЗУВА АЕРОДРОМ И КИСЕЛА ВОДА УШТЕ НЕ Е ГОТОВА, АРСОВСКА НЕ КАЖУВА КОГА ЌЕ БИДЕ ЗАВРШЕНАУлицата требаше да биде готова лани во ноември, но оттогаш поминаа 6 месеци, а таа уште не е пуштена за сообраќај. (Фото: СДК.МК)

    Новата улицата Есенинова, за поврзување на населбите Аеродром и Кисела Вода, уште не е готова и не е пуштена за сообраќај. Лани во октомври, тогашниот градоначалник Петре Шилегов кажа дека изградбата на улицата е при крај и од ноември ќе биде пуштена, и не ќе мора веќе да има враќање до кај „Тутунски комбинат“ за да се стигне од Аеродром до Кисела Вода и обратно.

    „Завршена е експропријацијата на двете куќи кои се наоѓаа на трасата, веќе се урнати и во наредните три недели треба да финишираат земјените работи. Изместена и поставена е целата подземна инсталација, завршени се и бунарите кои се наоѓаат кај ‘Тутунски комбинат’. Кон средината на ноември, оваа улица која е од огромно значење за жителите на Кисела Вода, Аеродром и Центар, ќе биде пуштена за сообраќај, со што ќе се реши тесното грло кај ‘Тутунски комбинат’“, рекоа на 21 октомври од кабинетот на Шилегов.

    Но, оттогаш поминаа 6 месеци, во Градот дојде ново раководство, а улицата уште не е пуштена во употреба ниту има најава кога ќе биде.

    Од градоначалничката Данела Арсовска, како и на сите други наши прашања досега, не добивме одговор кога улицата ќе биде готова, зошто таа досега не е пуштена за сообраќај, дали можеби има некакви проблеми и ако има за што станува збор. Прашањето до кабинетот на Арсовска го испративме на 7 април, но до денеска одговор нема.

    Град Скопје почна со пробивање и изградба на улицата Есенинова во агуст 2020. Новата улица ќе биде во должина од 730 метри, ќе почнува од Кисела Вода кај Рампа покрај пругата кон амбулантата „Пролет“ и ќе излегува на булеварот Трета македонска бригада во Општина Аеродром.  Ќе има две коловозни ленти и тротоари од двете страни низ Кисела Вода, а потоа четири коловозни ленти пред влезот во Трета македонска бригада.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира