НОВИОТ ФЕМИЦИД ВО БИТОЛА Е УШТЕ ЕДЕН АЛАРМ ЗА ИНСТИТУЦИИТЕ, РЕАГИРА НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА „СУМНАЛ“

    НОВИОТ ФЕМИЦИД ВО БИТОЛА Е УШТЕ ЕДЕН АЛАРМ ЗА ИНСТИТУЦИИТЕ, РЕАГИРА НЕВЛАДИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА „СУМНАЛ“Од „Сумнал“ велат дека загрижува фактот што бројот на случаи на семејно и родово базирано насилство, како и фемициди, е во постојан пораст. (Фото: СДК.МК)

    Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од Битола, кое континуирано работи на превенција на насилство, најостро го осуди новиот случај на фемицид во Битола, во кој беше убиена 31-годишна жена како последица на семејно насилство.

    Од „Сумнал“ велат дека овој трагичен настан претставува уште едно сериозно предупредување дека насилството врз жените не смее да се третира како изолиран проблем, туку како длабок општествен и институционален предизвик што бара итен, координиран и одлучен одговор.

    „Загрижува фактот што бројот на случаи на семејно и родово базирано насилство, како и фемициди, е во постојан пораст. И покрај постоењето на законски механизми и стратегии за заштита, во практика сè уште недостасуваат навремена проценка на ризик, ефикасна превенција и соодветна институционална реакција“, вели Фатма Барјам-Аземовска, претседателка на „Сумнал“.

    Оттаму бараат значително зајакнување на системот за заштита на жртвите, преку поголеми инвестиции во специјализирани сервиси за жртви на насилство, зајакнување на професионалните капацитети во МВР и центрите за социјална работа, континуирана едукација и превентивни програми за деца и млади и системски мерки за спречување на насилството во семејството и заедницата.

    „Бараме темелна, брза и транспарентна истрага за случајот, како и утврдување на евентуални претходни сознанија или пријави за насилство. Доколку постоеле институционални пропусти, очекуваме одговорност согласно законските надлежности“, велат од „Сумнал“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира