ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ЈА ЗАМАТИЈА ВОДАТА ВО ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОД И СЕ ЗАКАНУВААТ СО ИЗЛЕВАЊЕ НА ВАРДАР КАЈ НЕКОЛКУ СЕЛА

    ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ЈА ЗАМАТИЈА ВОДАТА ВО ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОД И СЕ ЗАКАНУВААТ СО ИЗЛЕВАЊЕ НА ВАРДАР КАЈ НЕКОЛКУ СЕЛАВо долнополошкото село Раотинце речното корито е на неколку сантиметри до излевање (Фото: З. Андонов)

    Обилните дождови кои овие денови интензивно паѓаат во тетовскиот регион ги заматија изворите на Шар Палнина од кои Тетово се снабдува со вода за пиење. Поради ова, Центарот за јавно здравје од Тетово предупредува дека водата во градскиот водовод е заматена и се препорачува да не се користи за пиење.

    „Треба да се користи флаширана вода или, пак, водата од чешмите да се преврие најмалку 10 минути, па дури потоа да се користи за пиење. Освен заматеноста на водата, останатите параметри за квалитетот на водата се во границите на дозволените вредности“, изјави Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје.

    Обилните врнежи нагло го покачија нивото на Вардар. Состојбата е најкритична во долнополошките села Раотинце, Туденце и Копанце, каде што речното корито е на неколку сантиметри до излевање, а некои ниви покрај реката веќе се поплавени. Жителите стравуваат дека ако продолжи да врне како во изминативе денови, Вардар со сигурност ќе се излие и ќе им ги поплави куќите.

    „За два дена се наполни коритото на реката и само што не се излеала. Нашето село често пати трпи големи штети од поплави. Пред некоја година се чистеше речното корито, но пак се наполни. Некоја година го чистат коритото, па после не го чистат, а треба редовно да се одржува“, вели Ѕвонко од Раотинце.

    Освен во Општина Јегуновце, на која припаѓаат овие села, излевања на водите има и во општините Боговиње и Тетово.

    „Поради обилните дождови, во Општина Тетово дојде до излевање на реките во селата Порој, Фалише и Мала Речица“, соопштија од Службата за односи со јавност на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира