ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ДВАЈЦА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ ПОРАДИ ЧИЈА ГРЕШКА ПРИ ПОРОДУВАЊЕ ПОЧИНА НОВОРОДЕНЧЕ

    ОБВИНЕНИЕ ПРОТИВ ДВАЈЦА БИТОЛСКИ ГИНЕКОЛОЗИ ПОРАДИ ЧИЈА ГРЕШКА ПРИ ПОРОДУВАЊЕ ПОЧИНА НОВОРОДЕНЧЕЛекарите од Битолската болница наместо итна интервенција со царскиот рез задоцниле 5 часа, поради што новороденчето починало. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против двајца гинеколози од Битолската клиничка болница за тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик. Според соопштението на Обвинителството од Битола, обвинетите, како лекари – специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола, несовесно постапувале при укажување лекарска помош – породување на пациентка – родилка од с. Смилево – Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето.

    Родилката била примена за породување на 12.10.2019 околу 17:00 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите. Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност поради недоволен доток на кислород, што пак претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено.

    Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 06:30 часот на 13.10.2019, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира