ОБВИНЕТИТЕ ЗА ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕШКО ЕЗЕРО ВЕЛАТ ДЕКА ГО ПРИЈАВИЛЕ, А НЕ ГО ПРЕДИЗВИКАЛЕ

    ОБВИНЕТИТЕ ЗА ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕШКО ЕЗЕРО ВЕЛАТ ДЕКА ГО ПРИЈАВИЛЕ, А НЕ ГО ПРЕДИЗВИКАЛЕПожарот го предизвикале искри од апарат за брусење, по што тој неконтролирано се прошири и уништи и поголема шумска површина (Фото: СДК.МК)

    Обвинетите за пожарот кој лани ја зафати околината на велешкото езеро Младост не се чувствуваат виновни. Тие го кажаа ова денеска на почетокот од судскиот процес во Основен суд Велес. Тасе Илиевски (56 години), Марјан Ангелов (53) и фирмата ДТТУ „Реал градба“, која ги ангажирала лицата, се обвинети за тешки дела против општата сигурност и дека делото предизвикување општа опасност го сториле со умисла. На прашањето од судијката дали се чувствуваат виновни, обвинетите кратко одговорија „не“.

    Обвинителството ги товари дека при изведувањето работи не презеле доволно мерки согласно правилникот за работа, па од искри исфрлени од апарат за брусење пламнал пожар, кој ја зафатил околината на езерото. Прво се запалила околната тревна површина, а пожарот потоа неконтролирано се проширил и добил големи размери, при што била опожарена и поголема шумска површина. Според Обвинителството, пожарот бил со умисла. На ова се спротивставија бранителите на обвинетите.

    „Како може да се зборува за умисла, кога обвинетиот Илиевски прв се јавил во пожарна да го пријави пожарот. Наместо да се награди, тој кривично се гони. Огнот немало толку да се прошири ако возилата на територијалната противпожарна единица биле технички исправни“, рече адвокатот Валентин Зафиров, бранител на обвинетиот Илиевски.

    „Обвинителството селективно врши избор на сведоци. Тие што биле присутни кога пламнал огнот не ги повикува, туку некои други лица. Како може да се говори за умисла кога нема мотив, ниту докази“, рече Ивица Ефремов, бранител на Ангелов.

    Судењето продолжува на крајот од август со сослушување на сведоците.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира