ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ДЕДОТО ШТО ГО УБИ ЗЕТОТ КОЈ ДОМА ГИ НАПАДНА СО МАЧЕТА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ДЕДОТО ШТО ГО УБИ ЗЕТОТ КОЈ ДОМА ГИ НАПАДНА СО МАЧЕТАОбвинителот до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за притвор на осомничениот. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка и побара притвр за битолчанецот Т. Ѓ. ( 62) кој вчера со пиштол го уби зетот за ќерка откако тој со мачета насилно му упаднал во домот и се заканувал. Тој е осомничен за убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.

    Според соопштението од Основното јавно обвинителство, сомничениот со умисла го лишил од живот неговиот зет за ќерка, Стојанче С. (44).

    „Според првичните сознанија, сега починатиот, вооружен со долг нож, започнал да удира со клоци по дрвената влезна врата од домот на осомничениот и ја скршил. Штом влегол во домот, во претсобјето бил пречекан од осомничениот кој пукал директно во него со пиштол ‘бајкал’ што го поседувал со дозвола. Го застрелал со два последователни истрели, па оштетениот веднаш паднал и починал на лице место”,  соопшти ОЈО.

    Јавен обвинител изврши увид и издаде наредби за обдукција на телото на починатиот, за прибирање траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, како и за обезбедување на снимки од видеонадзор на објектот. Обвинителот до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство или да влијае врз сведоците.

    Убиениот битолчанец на полицијата ѝ беше познат како прекршител на законот и имаше одлежано и затворска казна.

    На социјалните мрежи има стотици коментари на битолчани кои бараат ослободување на осомничениот, а се јави и неговиот син кој објави фотографија со татко му и напиша дека тој си ја одбранил фамилијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира