Од 12 октомври системот „Безбеден град“ ќе започне со практична примена и на подрачјето на СВР Охрид, со што автоматското регистрирање на сообраќајните прекршоци ќе биде воведено и во Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Дебрца и Вевчани, најави денеска во Охридминистерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој ги посети СВР Охрид и Регионалниот граничен центар-Запад.
Тошковски рече дека системот е во завршна фаза на подготовка и оти до 12 октомври ќе бидат завршени сите неопходни технички активности.
„Во завршна фаза сме и ќе бидеме подготвени за практична примена на ‘Безбеден град’ на територијата на СВР Охрид заклучно со 12 октомври. Сакам да ги информирам граѓаните, особено жителите на Дебар, Кичево, Струга и Охрид, дека за околу две недели започнуваме со имплементација. До тогаш ќе ги завршиме сите неопходни подготовки на системот“, изјави Тошковски.
Тој кажа дека одложувањето на почетокот на системот во Охридско-Струшкиот Регион било поврзано со технички прашања и условите за сместување на опремата. Рече дека проблемот е надминат, а системот ќе биде сместен во адаптирани простории во Регионалниот граничен центар-Запад, во поранешната касарна во Охрид.
Овојпат, како што најави Тошковски, ќе нема дополнителен пробен период. Од 12 октомври системот треба да биде целосно оперативен и да ги регистрира сообраќајните прекршоци.
„Системот е во функција од 1 февруари 2026 година. Имавме период на адаптација од два и повеќе месеци, во кој граѓаните беа известувани за прекршоците и се тестираше функционирањето на системот. Сметам дека тоа беше доволен период за да се осигуриме дека системот функционира како што треба“, рече Тошковски.
Според податоците што ги презентираше министерот, во првите осум месеци од годинава бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за 34 лица во споредба со истиот период лани.
„Во споредба со минатата година имаме околу 20 проценти помалку повредени во сообраќајни несреќи и 34 жртви помалку споредбено со истиот период“, кажа Тошковски.
Според официјално објавените податоци на МВР, во периодот јануари-август 2026 во сообраќајни несреќи загинале 62 лица, наспроти 96 во истиот период во 2025 година.
С. ВРЕНЦОВСКА



