ОД 210 БОЛНИ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР, 90 СЕ НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА

    ОД 210 БОЛНИ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД-ЦЕНТАР, 90 СЕ НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКАГолем дел од медицинскиот кадар во Тетовската болница е повикан да ги прекине годишните одмори и да се врати на работа. (Фото: СДК.МК)

    Состојбата со ковид-19 во Tетовско од ден на ден се влoшува. Расте бројот на заболени, а што е уште пострашно, забрзано расте и бројот на хоспитализирани. Сега во Тетовската клиничка болница има повеќе пациенти со тешка клиничка слика, отколку што имаше во ноември и декември лани кога беше најголемиот врв.

    Покрај модуларната болница и двата ката од Интерното одделение, се размислува да се пренаменат и други одделенија за хоспитализирање на тешко заболените, бидејќи нивниот број забрзано се зголемува.

    „За жал, имаме секојдневно зголемување на бројот хоспитализирани лица. Во последните 24 часа имавме нови 20 приеми. Во овој момент имаме дури 90 пациенти кои се на кислородна поддршка, а имаме и 120 пациенти кои не се на кислородна поддршка туку се третираат амбулантски. Тоа значи дека 210 пациенти се згрижени во нашиот Ковид-центар. Во последниве 24 часа имавме двајца починати. Засега се отворени за ковид пациенти двете одделенија на Интерно, но исто така мораме да внимаваме и да ги даваме и другите медицински услуги на пациентите кои се болни од други болести. Но, ако имаме и понатаму зголемување на бројот на пациентите, планираме и Одделенијата за неврологија и психијатрија на третиот кат од Интерно да ги пренамениме во ковид одделенија. Деновиве, голем дел од медицинскиот кадар е повикан да ги прекине годишните одмори и да се врати на работа и сега правиме распореди како да ја организираме работата“, вели д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.

    Според вчерашните бројки, во Тетово се активни 1.207 ковид болни, најмногу после Скопје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира