Над 130 кубици ѓубре подигнаа јавните претпријатија од магистралниот пат А3, што минува над Битола во близина на дивата населба Картон Маало. Акцијата продолжува и во следните денови. Иако од Општината рекоа дека чистењето на магистрачниот пат не е во нивна надлежност, сепак организираа акција за расчистување на депонијата која станува опасна и за возачите.
„Во организација на Општина Битола и јавните претпријатија, не знам по кој пат вложуваме напор со механизација и со помош и поддршка од РЕК да ја исчистиме обиколницата. Преку 130 кубни метри се подигнати денеска, па, сепак, сè уште делува како да не е многу подигнато. Ние сме упорни и ќе се обидеме до крај да санираме сè што можеме“, изјави директорот на јавното претпријатие „Комуналец“, Панде Богоевски.
Ѓубрето досега во повеќе наврати било чистено од јавните претпријатија во Битола. Но, пак се збира, а некој го и потпалува. Додека траеше денешната акција, мало дете се обидело да го запали сметот и рекло дека вујко му го пуштил да го стори тоа.
Жителите од оваа неурбанизирана населба велат дека немаат контејнери и затоа го фрлаат кај патот, а од ЈП „Комуналец“ додаваат дека досега повеќе пати е разговарано со нив и дека не сакаат да плаќаат за собирање на сметот.
„Нема контејнери. Ова е гнасотија, срамота. Не можеме надвор да излеземе од што смрди. Кај да го носиме ѓубрето, немаме контејнери. Кој го пали? Не знаеме, навечер го палат некои. Ако стават контејнери, ќе плаќаме за комуналното“, рече Тефик Џаферовски, жител на населбата.
Директорот на „Комуналец“ Богоевски објаснува дека тие имаат обврска да го собират сметот во населби до каде што има асфалтиран пат, односно до каде што стигнува камионот. Можат да постават и контејнери, но населението не сакало да плаќа за собирање на сметот.
САКАМДАКАЖАМ.МК пред десетина дена пишуваше за проблемот со депонијата на битолската обиколница. Тогаш од Општина Битола добивме информација дека обиколницата е дел од магистралниот пат А3, кој е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму, пак, рекоа дека „Македонија пат“ е надлежна за одржување и заштита на обиколницата.
Ситуацијата во однос на безбедноста ќе се подобри со поставувањето на заштитна ограда на обиколницата. Од ЈП за државни патишта велат дека во фаза се јавна набавка и избор на изведувач за поставување на звучна бариера.
Ж. ЗДРАВКОВСКА