Откако последниве неколку денови Општина Тетово бележеше нагло зголемување на бројот на заболени од КОВИД-19, кој во еден момент изнесуваше и 45 заболени лица за 24 часа, општинскиот Кризен штаб соопшти за време на викендот и денеска се регистрирани 4 заболени. Но, како што вели градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи, уште не е време за опуштање, а за тоа зборуваат и досегашните бројки на заболени во Тетовскиот Регион.
„Надлежните служби денеска нѐ информираа дека за време на викендот и денеска се регистрирани само 4 заболени лица и тоа 3 се од Тетово, а едно е од една околна општина. Во сите 4 случаи не се работи за нови кластери. Со ова, досега во Тетовскиот Регион се дијагностицирани 538 заболени, излечени се 169 лица, 333 се активни, а починале 36 лица. Досега не се пријавени проблеми во однос на прифаќање на решенијата за изолација и самоизолација. Во тетовската Клиничка болница хоспитализирани се 11 лица, од кои дел се на кислородна поддршка. Како што нѐ информира СВР Тетово, викендов се изречени 239 казни за неносење заштитни маки, а во соработка со Државниот пазарен инспекторат биле контролирани 60 угостителски објекти“, изјави градоначалничката Арифи.
Тетово беше еден од ретките градови во земјата каде брзо по избивањето на заразата беше стопиран меѓуопштинскиот организиран превоз на патници. Таа одлука дури денес и официјално е повлечена.
„Ги информираме сите компании кои вршат организиран превоз на патници, дека Комисијата за заразни болести донесе одлука врз основа на која на локалните кризни штабови им остава сами да одлучуваат во однос на организирањето на меѓуопштинскиот превоз. Врз основа на ова, Кризениот штаб на Општина Тетово прати решение до СВР Тетово со кое информира дека го либерализира меѓуопштинскиот организиран превоз, но при тоа транспортерите треба да ги почитуваат сите заштитни мерки кои се пропишани“, соопшти Арифи.
З. АНДОНОВ