ОД ЕДНО ДВОРЧЕ ЌЕ СЕ ЗЕМЕ ЕДЕН МЕТАР, ОД ДРУГО ИСТО ТОЛКУ И ЌЕ СЕ ПРОШИРИ УЛИЦАТА ЗА ДА ИМА ПРИСТАП ЗА НОВИТЕ ЗГРАДИ, ИМ РЕЧЕ ПЛАНЕРКАТА НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВЛАЕ КОИ СЕ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАН

    ОД ЕДНО ДВОРЧЕ ЌЕ СЕ ЗЕМЕ ЕДЕН МЕТАР, ОД ДРУГО ИСТО ТОЛКУ И ЌЕ СЕ ПРОШИРИ УЛИЦАТА ЗА ДА ИМА ПРИСТАП ЗА НОВИТЕ ЗГРАДИ, ИМ РЕЧЕ ПЛАНЕРКАТА НА ЖИТЕЛИТЕ НА ВЛАЕ КОИ СЕ ПРОТИВ НОВИОТ ПЛАНСо ДУП-от се предвидува нова станбена населба во близина на комплексот „Александрија“ за што ќе бидат одземени имоти од дворовите на староседелците. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на скопската населба Влае во таканаречените Мавровски куќи се против новиот Детален урбанистички план (ДУП) за овој дел, бидејќи за да никне нова населба им се узурпираат нивните имоти и се нарушува животот во населбата. Со новиот Предлог-план за Градска четврт C3 26, Блок 1, кој во петокот беше по вторпат на јавна презентација, се предвидува нова станбена населба на празниот простор во близина на комплекс-населбата „Александрија“. Зградите за кои се вцртани маркички се со висина од 5 до 7 ката.

    За изградбата на населбата ќе се пробиваат и прошируваат улици, за што ќе бидат одземени имоти од дворовите и ќе бидат урнати гаражите на староседелците чиишто куќи граничат со новата населба.

    „Ние не сакаме пошироки улици, нив ги правите заради новата населба со згради. Како е можно да се одзема мојот имот, за да му дозволите на некој друг да прави згради и да гради? Овој план е во интерес на градежниците, не е во интерес на жителите. Планот треба прво да го штити нашиот интерес, на нас кои 52 години живееме туку. Ова била маалска, мирна населба, а сега ни цртате згради и ширите улици на сметка на нашите дворови“, рече еден од жителите на населбата.

    „Госпоѓо, ве молам објаснете ми како ќе ја проширувате улицата кога тука имам куќа изградена пред 50 години? Треба да ми ги срушите скалите и како да влегуваме ние дома, да рипаме ли преку прозор директно од улица? Нацртајте им улици од другата страна, не нè чепкајте нас, не ни го уништувајте и оној малку мир што остана откако се изградија голем број згради. Сте дошле ли вие на лице место за да видите каква е ситуацијата, за да видите дека нема каде да ги пробивате и проширувате тие улици што сте ги нацртале?“, рече друг жител.

    Планерката од планерската куќа „Го план“ од Гостивар им рече дека мора да се пробијат улиците за да имаат пристап жителите на новата населба, но и тие до тој простор кој ќе има и јавни содржини, односно градинка. Планерката рече дека постојните улици мора да се прошират, оти според измени на законот минималната ширина на улиците мора да е 5 метри.

    „Ќе се земе од дворчето од едната страна на улицата еден метар, од дворчето од другата страна уште еден метар и ќе се прошири улицата“, рече планерката, на што граѓаните остро реагираа дека не може да им се обезвреднува нивниот имот за некој да профитира.

    Урбанистите од Општина Карпош им рекоа нивните забелешки да ги напишат на анкетен лист и дека ќе се разгледаат, како што тоа било направено при првата јавна презентација по пто се направени измени и затоа сега планот се презентира втор пат.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира