ОД ГОТВАЧИ ДО ЛЕКАРИ ФАЛАТ ВО СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА, ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА НЕМА ПЕДИЈАТРИ И УРОЛОЗИ, НАД 100 ВРАБОТЕНИ ОДАТ ВО ПЕНЗИЈА ЗА 5 ГОДИНИ

    ОД ГОТВАЧИ ДО ЛЕКАРИ ФАЛАТ ВО СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА, ОХРИДСКАТА БОЛНИЦА НЕМА ПЕДИЈАТРИ И УРОЛОЗИ, НАД 100 ВРАБОТЕНИ ОДАТ ВО ПЕНЗИЈА ЗА 5 ГОДИНИВо следните 5 години над 30 вработени во струшка Нефрологија одат во пензија, а од нив најголем број се медицински сестри. (Фото: СДК.МК)

    Здравствените установи во Охридско-Струшкиот Регион имаат недостиг од медицински персонал. Недостасуваат лекари, медицисни сестри, но и помошно-технички персонал.

    Во Специјалната болница за нефрологија во Струга моментално бројот на вработени е 226, а има 25 со договор на дело, претежно технички персонал, медицински сестри, биохемичари, лаборанти, физијатри, хигиеничари, а дел се и лекари. Не се знае на колку од нив со проектот за вработување на 1.117 здравствени работници ќе им се трансформира работниот однос, но како што вели директорот болницата, д-р Јетмир Зиба, болницата има потреба и за дупло повеќе вработувања.

    „Ние имаме итна потреба од лекари, медицински сестри, хигиеничари, болничари и друг персонал вклучувајќи и готвачи, административни работници, шофери. Покрај овие 25 кои се моментално со договор на дело, имаме потреба од дополнитени. Во следните 5 години над 30 вработени одат во пензија, а од нив најголем број се медицински сестри. Дијализата е специфична работа и затоа ни требаат едуцирани медицински сестри за оваа област“, вели д-р Зиба.

    Во Охридската болница најалармантно е во Одделот за лекување деца, каде повеќе од две години се вршат само прегледи и инфузиона терапија, но не и хоспитализација оти нема ноќна смена. (Фото: СДК.МК)

    Во струшка Нефрологија недостасуваат општи лекари, а единствениот микробиолог за една година заминува во пензија. Болницата има само еден специјалист-физијатар но нема инфектолог, па поради тоа се затворила службата. Недостиг има и од уролози и анестезиолози. Моментално на специјализација се 12 лекари, уролог, анестезиолог, рентгенолог, интернисти и нефролози.

    Болницата функционира како регионална повеќе години, оти доаѓаат пациенти од целиот регион, смета директорот Зиба.

    „Нема град откаде немаме пациенти. Ние сме повеќе од регионална болница. Имаме голем проблем со Општата болница во Охрид каде воопшто не функционира Уролошкото одделение. Сите пациенти од Охрид и околината, исто така и од Битола, кои имаат потреба од уролошки прегледи, доаѓаат кај нас. Имаме преголем наплив на пациенти од Охрид, Битола и од регионот. Матичните лекари ги упатуваат пациентите кај нас. Голем е бројот амбулански пациенти кои ги имаме, но и одделенски пациенти“, вели д-р Зиба.

    Во Општата болница во Охрид има недостиг на лекари анестезиолози, уролози, лекари фалат и во Одделот за трансфузиологија, Одделот за физикална има двајца лекари кои се пред пензија, а Кожното одделение поради пензионирање, за брзо време ќе остане само со еден лекар. Сепак, најалармантно е во Одделот за лекување деца, каде повеќе од две години се вршат само прегледи и инфузиона терапија, но не и хоспитализација оти нема ноќна смена. Потешко болните деца на кои им треба хоспитализација се носат во Струга.

    Одделението за урологија работи со двајца лекари специјалисти, а тројца се испратени на специјализација.

    „Од нив една е веќе четврта година на специјализација, а останатите двајца колеги се втора година на специјализација. Работните задачи на ова одделение се организирани на следниот начин: работа во оперативна сала со копмлетен оперативен програм, работа во амбуланта и работа на одделение. Дежурствата се извршуваат само во сабота и недела поради недостаток на специјалистички кадар“, вели директорот д-р Горан Маркоски.

    Во Струга има пет педијатри-специјалисти кои ги лекуваат и хоспитализираат децата од целиот регион и тројца специјализанти. (Фото: СДК.МК)

    Тој додава дека во Одделението за урологија покрај пациенти од Охрид се третираат и пациенти од Битола и Прилеп.

    Моментално, во болницата има 470 вработени од кои 70 лекари специјалисти и 35 млади лекари на специјализација, 250 медицински персонал, 130 помошен технички персонал. Директорот д-р Маркоски вели дека е испратено барање за согласност за вработување на 17 лица, кадар од различни профили.

    Во Струга има пет педијатри-специјалисти кои ги лекуваат и хоспитализираат децата од целиот регион и тројца специјализанти. Детското одделение во Струшката болница има капацитет за лежечка хоспитализација на 12 до 15 деца, но и дневна болница со дополнетелни осум кревети за деца кои имаат потреба од еднократна интравенска терапија. Таму во текот на зимските месеци, викендите и периодот кога има наплив на туристи и повратници од странство, дневно има и до 120 прегледи.

    Поради недостиг на кадар во Струга не работи Нервното одделение.

    „Проблемот е со лекарите што немаме доволно, а и ги нема на список за вработување во Заводот за вработување. Некако гледаат на поголеми центри да се вработуваат, или во странство да одат. Има лекари, ама не се заинтересирани за тука, за жал. Не можеме да оставиме да одат луѓето во пензија, а да нема кој да ги покрие, значи во секој еден оддел потребни се лекари“, вели д-р Владимир Бунчески, директор на Општа болница Струга.

    Болницата „Свети Стефан“ работи со пациенти од Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Битола и Прилеп и како регионален центар има потреба од уште една ангиографска сала и уште еден анфиограф. (Фото: СДК.МК)

    И Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид има потреба од дополнителен медицински и технички кадар. Болницата располага со вкупно 29 доктори, од кои 15 супспецијалисти кардиолози, 6 специјалисти кардиолози и по еден специјалист-физијатар и специјалист по медицинска биохемија. Во моментов, шест доктори се на специјализација по кардиологија.

    Болницата работи со пациенти од Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Битола и Прилеп и како регионален центар има потреба од уште една ангиографска сала и уште еден анфиограф.

    „Во нашата болница најмногу недостасуваат медицински сестри, лаборант, физиотерапевт и административно технички персонал. Во моментов, имаме 11 со договор на дело и за сите очекуваме трајно вработување со проектот, но имаме ургентна потреба и од други вработувања бидејќи само оваа година 5 медицински сестри одат во пензија, а во следните пет години во пензија оди и специјалистот-физијатар и специјалистот пи медицинска биохемија како и правникот и сметководителот“, велат оттаму.

    Во Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид има вкупно 225 вработени од кои 26 доктори-специјалисти. Моментално, има 5 доктори кои се на специјализација, тројца за ортопедија и по еден за анестезиологија и физикална медицина. Таму недостасуваат медицински сестри и болничари.

    „Со ставање во функција на новиот објект потребни ќе ни се дополнителни 20 медицински сестри, 10 болничари и 10 хигиеничари. Со оглед на природниот одлив на кадар по основ на пензионирање потребни ќе ни бидат и 4-5 лекари, што значи дека во моментов ни се потребни околу 50 нови вработувања од најразлична профилна структура, од доктори до хигиеничари“, вели директорот д-р Хари Шокаровски.

    Според најавите, се предлага децениските проблеми во здравството да се решаваат преку концептот на регионализација на болници кои како клинички центар ќе покриваат поголема територија, што е дел од европскиот концепт на здравствен систем.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира