ОД ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС УКРАДЕНО СЕТО БРАШНО, ЗЕЈТИН, СОЛ, ГРАВ И СИРЕЊЕ ЗА ДЕТСКИТЕ ОБРОЦИ

    ОД ГРАДИНКА ВО ВЕЛЕС УКРАДЕНО СЕТО БРАШНО, ЗЕЈТИН, СОЛ, ГРАВ И СИРЕЊЕ ЗА ДЕТСКИТЕ ОБРОЦИДека крадците работеле сериозно, зборува и тоа што пред да ја извршат кражбата го онеспособиле системот за видеонадзор на објектот, а ја украле и количката за дистрибуција на роба, за да не ја пренесуваат украдената стока сами на раце. (Фото: СДК.МК)

    Утрово кога вработените во 5,30 часот стигнале во Детската градинка „Димче Мирчев“ од Велес, клон 6 Ѕвончица откриле дека е извршена кражба на храната, која ја имаат складирано во магацинскиот простор. Тој бил буквално испразнет оти крадците не оставиле ниту трошка храна. Веста за кражбата ја потврдија и портпаролот на СВР Велес Ристе Самарџиев и директорката на Детската градинка Димче Мирчев“ Маја Велиновска.

    „Украдена е храната од централната кујна со која се снабдуваат сите шест клона во Велес. Итно ги набавивме сите потребни артикли за денешниот ручек и децата не почувствуваа дека е извршена кражба. Поради вршење на увид од страна на полицијата, децата претпладнето беа префрлени да се згрижат во други клонови“, кажа директорката Велиновска.

    Во магацинот во текот на денот се врши вонреден попис, за да се утврди што сè е украдено. Но сигурно е дека биле украдени околу 100 кг масло за јадење, 100 кг брашно, шеќер, сол, ориз, грав, кашкавал, сирење. Од вецето биле украдени неколку славини за вода.

    Дека крадците работеле сериозно, зборува и тоа што пред да ја извршат кражбата го онеспособиле видеосистемот од објектот, а ја украле и количката за дистрибуција на роба, за да не ја пренесуваат украдената стока сами на раце. Клонот каде што е сторена кражба се наоѓа во стариот дел на Велес, веднаш до Стариот мост. Кражбата е сторена во време на викендот.

    Првиот сосед на објектот, жена која живее во куќа спроти градинката, кажа дека викендот тие не биле дома во Велес, се вратиле доцна синоќа и не слушнале и не виделе ништо. Од СВР Велес соопштија дека е направен увид и се работи на расчистување на кражбата.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира