Кандидатот за градоначалник на Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно“, проф. Горан Марковски, денеска кажа еден начин за решавање на проблемот со скопската дива депонија „Вардариште“ е и искористување на метанот кој се ослободува на ѓубриштето за да се производува струја.
„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, рече проф. Марковски на прес-конференцијата која ја одржа близу „Вардариште“, носејќи маска на диносаурус.
Тој рече дека решението кое долго време се игнорирало мора да биде стручно.
„Едниот пристап е да со помош на одредени цевки се собере метанот и потоа се одлучува што ќе се прави со него. Со него меѓу другото може да се користи и за производство на електрична енергија. Постојат и други методи коишто се веќе применети на над 200 локации во Европа. Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, рече Марковски.
По големиот пожар на 31 август, „Вардариште“ гори и денеска и загадува голем дел од градот, а ќе продолжат и протестите на жителите на Аеродром кои секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се реши проблемот. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје вчера побара притвор за три лица осомничени дека се одговорни за пожарот на дивата депонија „Вардариште“.
Јана Белчева-Андреевска, носителката на кандидатската листа за советници во Град Скопје на „Независни заедно“, кажа дека за депонијата има многу стручни насоки како да се тргне од листата на црни точки на градот кои досега се игнорирани. Таа смета дека планот за решение истовремено треба да е реален и модерен: од тоа да се затвори просторот за диво депонирање, да се воведе 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики и препознавање регистарски таблички, а преку термални камери и дронови со термални и спектрални сензори да ги откриваме жариштата и новите истурања уште во зародиш. Податоците би се интегрирале во единствен систем со јасни индикатори и јавна отчетност.
- ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР ЗА ТРОЈЦА ЗА ПОЖАРОТ НА ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“
- СИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЈАВНО ДА ВЕТАТ ДЕКА ИТНО ЌЕ ЈА РЕШАТ ЕКО-БОМБАТА СО ДИВАТА ДЕПОНИЈА „ВАРДАРИШТЕ“, ПОВИКА ИНИЦИЈАТИВАТА О2
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини -„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска.